Во Прилеп ќе се одржи првиот фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Со особена чест го најавуваме првиот фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“, посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција. Фестивалот е во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, а со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Во два последователни концерти ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време – преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации.

На 16 октомври од 20:00 ч., во кино Мис Стон ќе се одржи концертот „Помеѓу Кукузел и Палестрина“. Два хора – „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ – под диригентство на Гоце Секулоски, ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ги византиската духовност и ренесансната полифонија.

Прв дел – источно-црковно пеење
 


  1. Свише пророци – Свети Јован Кукузел (XIV век)
- прва изведба во Македонија
  2. Нине сили – Јован Клада (XV)
  3. Хвалите Господа (фрагмент) – Свети Јован Кукузел (XIV век)

Втор дел – сакрална полифонија


  1. Kyrie eleison – G.P. Palestrina (XVl век)
  2.  Ave verum Corpus – W. Byrd (XVl век)

На 17 октомври од 20:00 ч., во кино Мис Стон ќе се одржи концертот „Средновековни еха“. Редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, со која ќе настапи Cristina Alís Raurich (Шпанија), музичар и истражувач, која прва во светот направи реконструкција на портативна оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска (Македонија) – глас, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.

Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувач и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Чинаља. Како солистка и член на ансамбли како Magister Petrus, Vetera, La Douce Semblance, Sonus Hyspaniae и Donnafugata, настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог: професор е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, и асистент-директор на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век. 

Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музика на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на бројни фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.

Фестивалот „Dulcia Sonant“ отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија – патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса.

Влезот е слободен. Ве покануваме да бидете дел од ова исклучително музичко доживување!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми