ВИДЕО- „Не биди трупец, засади дрво“ – во недела сите кај манастирот Св. Петка кај Лениште да ја засадиме нашата иднина

По повод 14 ноември, Меѓународниот ден на дијабетичарите, здружението на дијабетичари од Прилеп „Сина револуција“ овој викенд ќе направи еко акција со пошумување на 100 садници јасен во околината на манастирот Света Петка во близина на селото Лениште. Со нас тука е Диме Велески, член на „Сина револуција“, кој ќе ни каже повеќе околу оваа еко акција и причините поради кои таа се организира.


Господине Велески, пред да го започнеме разговорот морам да потенцирам дека вашата мисија како еден еко активист ја започнавте во 2021 година, кога на своја рака од свој џеб дониравте 500 садници, ги засадивте во близина на селото Селце, кај манастирот Свети Димитрија и од тогаш наваму имате организирано можеби 10-тина акции за пошумување на околината во прилепско.

Велески: Од 2021 година наваму одржани се неколку поголеми и неколку помали акции, каде по моја претпоставка се засадени повеќе од 11.000 дрва. Колку е успешно, бидејќи се бориме и со невремето кои се случува, со жештините и сушите во лето што се случуваат, како и одредена човечка негрижа, но сепак се бориме да има се повеќе шума околу нас. Овде денес се наоѓаме во кругот на манастирот Света Петка во село Лениште, на ова прекрасно место каде планираме во чест на 14 ноември, кога е Денот на дијабетичарите, и ние заблажените малку во крвта да направиме една еко акција каде ќе бидат засадени одредена бројка на дрва, а тоа ќе биде јасен и гледаме овој прекрасен простор да го направиме што повеќе да има сенка и да биде уште попријатно кога доаѓаат нашите сограѓани овде.

Кој се може да учествува во оваа еко акција која ќе се случува овој викенд и доколку некој сака како и каде може да се пријави?

Велески: Оваа акција ја поддржуваат доста граѓани и имаме доста поддршка и од нашите граѓани кои се наоѓаат надвор од нашата држава, се јавуваат од Германија, Швајцарија, кои се нудат да помогнат да може да се одржи во живот ова и се надевам дека и понатаму ќе продолжат. Во недела може да се приклучи секој еден добронамерен граѓанин, за тие што немаат превоз можат да дојдат пред Марко Цепенков ќе има организиран превоз кој ќе ги донеси овде.

Од колку часот?

Велески: Од 09:30 часот таму ќе биде автобусот. По завршената акција во трпезаријата ќе седнеме на добар ручек и повторно автобусот ќе ги врати назад.

Станува збор за малку повозрасни садници?

Велески: Овие садници се 2 годишни и за разлика од претходните акции каде дрвата беа корнети, па со транспортот преживуваа 2-3 дена да не бидат во земја и успешноста тука беше доста понамалена. Овој пат тие ќе бидат во саксии, каде се вадат со земјата и не го доживуваат тој шок кој настануваше во претходните години и успешноста ќе биде доста поголема.

Рековте дека имате насадено околу 13.000 садници. Колку од тие се фатени, почнати да растат, дали го проверувате од време на време теренот каде се засадени истите?

Велески: Според некоја моја проценка има преку 30% успешност, што за мене е доста добра бројка, бидејќи сушата навистина го зема својот данок. За да спречиме, што помалку суша да има, да имаме подобри места ни треба шума, а таа шума привлекува облаци, тие облаци си носат друг бенефит. Од друга страна го прошируваме просторот за нормалното живеење на животинскиот свет, да не ни слегуваат мечките како пред некој ден во близина на селата, волците ги напаѓаат трлата со овци и прават доста штета.

Акцијата носи едно навистина интересно име, кое само по себе дава одредена порака кај прилепчани, но и кај сите граѓани во Македонија, „Не биди трупец, засади дрво“.

Велески: Тоа е намерно кажано, стварно не треба да бидеме трупци, треба да се освестиме, да бидеме луѓе кои живееме овде на овие простори и кои треба да ги одржуваме овие простори. Ние како здружение на дијабетичари имаме доста медицински отпад кој го фрламе и тој прави доста штета и ние мора некако да се оддолжиме на природата, да возвратиме. А како ќе возвратиме ако не со вакви акции?

Колкава е свеста кај прилепчани за засадувањето на дрвја, за зачувувањето на животната средина и за нејзиното значење воопшто за животот?

Велески: Па досега има голема заинтересираност и секоја акција кога се одржува има доста голем одзив на граѓани, скоро на секоја акција доаѓаат преку 300-400 луѓе кои доаѓаат да се дружат, а и она што ни е целта на здружението, покрај тоа што правиме да имаме повеќе зеленило околу нас, да се дружат луѓето помеѓу себе, да се запознаваат, едноставно се оттуѓија едни од други. Третата порака е на децата, на генерациите кои идат после нас да им кажеме дека треба ова да го продолжат и да им всадиме во главата дека не треба тука да застанат.

Дали можеби државата, Општината, самиот образовен систем треба многу повеќе да се посвети на пошумувањето, затоа што за жал во овие 3 децении во Македонија, особено во Прилеп и нашиот регион останавме со голи планини кои се претворија во пустини.

Велески: За среќа, досега на 2-3 пати имаат учествувано ученици од училиштата. Минатата година кај Прилепец дојдоа од медицинското училиште кои зедоа активно учество во пошумувањето и благодарност до директорката на медицинското училиште која дозволи тие деца да дојдат, а ние за возврат им дадовме како поклон садници од типод на зимзелените чемпреси. Пред 2-3 години во ООУ „Гоце Делчев“ со секцијата за екологија, наставничката и учениците засадивме 40-тина дрва во самиот круг на школото.

За крај, тука е и дрвокрадството, кое и 100 вакви акции да организираме, доколку продолжи масовно да се кради со ова темпо, можеби би било и залудно сето.

Велески: Па не би рекол дека е залудно. Проблемот е и во самите граѓани, барем според моја гледна точка што купуваме, со тие 200 денари поевтино дрво разлика од крадените, а не размислуваат дека плаќаат исто. Плаќаат исто, а мислам дури и поскапо, бидејќи тие крадени дрва се надвор од мерата, тие се до 80 сантими, не се до метро. Од друга страна со тоа го стимулираат дрвокрадството, бидејќи ако јас не купам крадено дрво, ти не купиш или било кој, тие нема да имаат интерес да сечат од тие дрва. Но за тоа треба да преземи државата мерки, да ги стимулира и тие дрвокрадци, да ги ангажира барем во некое планирано сечење, да има планирана сеча, а не вака земи сечи дрва каде ќе им текни и едноставно шумите ни бегаат од тука, правиме од планинска, шумска држава – пустинска држава.

И уште една препорака само, да си носат со себе алат за копање, препорачано дурија за полесна работа.

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми