Мермерниот комбинат од Прилеп донираше клима уреди, ламинатни подови, шкафчиња, гардеробери машина за сушење, печатачи и друга потребна опрема за детските градинки „Наша иднина“ во Прилеп. Донацијата е расределена во повеќе објекти на градинките.
„Сакам да ја изразам мојата огромна благодарност до „Мермерен комбинат“ кој како општествено одговорна компанија се одзваа на нашето барање за да ни помогнат да ги подобриме условите за престој на децата од предучилишна возраст. Како што знаете, ние како институција имаме запишано скоро 1.500 деца, а дневно се присутно скоро 1.200 деца во нашите објекти. Целата опрема која ја имаме постојано и секојдневно се користи и затоа постојано имаме потреба од обнова на инвентарот, подовите итн. Огромна благодарност од името на вработените, на децата и нивните семејства до општествено одговорната компанија „Мермерен комбинат“ и јас се надевам дека и понатаму ќе ја продолжиме соработката. Опремата се распореди во неколку објекти, имаме донација на клима уреди, обнова на подови, шкафчиња, гардеробери за дечињата, машина за сушење итн“, изјави Христина Трпческа, директорка на детски градинки „Наша иднина“ Прилеп.
„Ја сметаме оваа донација основна за учењето, за фамилиите и иднината на нашата заедница. Сакам да ја изразам мојата длабока благодарност до директорката од градинките Христина Трпческа за нејзината посветеност за работењето во градинките и градоначалникот Дејан Проданоски за соработката при реализацијата на оваа донација. Се надеваме на долготрајно и значајно партнерство со Прилеп и заедницата и се надеваме дека оваа опрема ќе служи за децата и фамилиите во наредните многу години“, рече Василис Анагносту, генерален менаџер на Мермерен Комбинат Прилеп.