Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп одбележува 80 години од своето постоење. Библиотеката во Прилеп е оформена 22 октомври 1945 година, веднаш после ослободувањето, но бидејќи тоа беше изборен период библиотеката одлучила одбележувањето да биде кон крајот на ова година за кога се предвидени повеќе настани.
„Најпрвин ќе започнеме на 16.12.2025 година во вторник, со почеток во 18 часот ќе има доделување на благодарници, дипломи и награди на најдобрите ученици и нивните ментори на традиционалните конкурси во организација на библиотеката, а тоа се најдобар рецитатор за основните и средните училишта, најдобра лична творба за основните и средните училишта и најдобар краснопис во основните училишта. Најдобрите ученици ќе добијат соодветни награди и бесплатно членство за следната година. Наредниот ден, 17.12.2025 година со почеток во 12 часот ќе имаме средба со членовите на Клубот на литературни творци Прилеп и врачување на благодарница за долгогодишната соработка со оваа целна група на библиотеката. Исто така ќе има изложба на зборникот „Поетско Маркукуле“, со оглед на тоа што пред да го превземе издавањето Клубот на литературни творци Прилеп, долги години самата библиотека беше издавач на оваа значајна публикација. Ќе биде изложен и зборникот со песни од прилепските автори, со оглед на тоа што роднокрајните автори се значајни соработници и дел од библиотекарското работење“, рече Андриана Ристеска, директоркa на Градската библиотека „Борка Талески“ Прилеп.
На 22 овој месец ќе има настан посветен на патронот на библиотеката „Борка Талески“. Ќе се положи свежо цвеќе на Талески пред неговата биста во установата, во Алејата на Великаните на паркот на Револуцијата и пред споменикот во месноста Чашка каде во 1942 година од заседа биле убиени Борка Талески и Лазо Филиповски – Лавски.
„На истиот ден ќе има изложба на дела посветени на народниот херој Борка Талески, а за ликот и делото на патронот Борка Талески ќе зборува историчарот Горјан Василевски. Благодарници ќе се доделат на најдробите читатели во одделите за деца и за возрасни, а наградите ќе бидат книги и бесплатно членство за наредната година. Исто така благодарница ќе се додели и на донаторите на книги од семејните библиотеки во Прилеп и тоа на Мери Чкрипеска и Фанче Думбалоска. Завршниот настан е предвиден за 26.12.2025 во петок со почеток во 12 часот и библиотеката за своите сограѓани и читатели ќе ги отвори следните поставки: изложба на ретки книги, изложба на дела од издавачката дејност на библиотеката од претходните години, изложба на трајната поставка на уметнички дела од прилепските автори збогатена со бистата на Коле Чашуле, донација од неговата сопруга Јелена Лужина и дела од покојниот скулптор, педагог Митко Филипоски кој својот легат го поради на библиотеката“, додаде Ристеска.
Ќе има и изложба на трајната поставка со каширани фотографии на прилепските занаетчии, како и изложба на реквизити од старите занаети во Прилеп.