Во Прилеп започна празничната магија. Здружението на наставници по германски јазик на Македонија традиционално веќе трета година по ред организира Германски Божиќен базар на кој што активно се вклучени учениците кои го изучуваат германскиот јазик и сите љубители и поддржувачи на современата германска култура и јазик. Станува збор за настан од хуманитарен карактер, на штандовите беа излени ракотворби од деца од сите основни училишта од Прилеп.
„Идејата е да ја доближиме предновогодишната магија од европските божиќни базари, знаете дека во Германија се организираат едни од најбајковитите новогодишни и божиќни базари. Идејата беше низ игри, песни, новогодишна храна да ја доближиме германската традиција и култура до нашата култура. Божиќ е време кога страстите се смируваат, луѓето полека почнуваат да ја чувствуваат таа празнична атмосфера и да се зближуваат, да си подадат рака едни на други и токму таа беше и целта, да покажеме дека иако имаме различни култури сепак постои нишка, како што ќе кажат сега и децата кога ќе почне официјалната програма, имаме нишка што сите не поврзува и зближува“, истакна Габриела Темелкоска, претседател на Здружение на наставници по германски јазик на Македонија и предметен наставник по германски јазик во ООУ Кочо Рацин Прилеп.
Од Институтот ГЕТЕ од Скопје кои се коорганизатор на овој настан истакнаа дека интересот за изучување на германскиот јазик во Македонија секоја година е се поголема.
„Причините се многубројни, како студирање во Германија, патување, многу сакаат да работат, но и оние кои остануваат во земјава го изучуваат јазикот бидејќи Германија е значаен економски партнер. Ние како ГЕТЕ институт секогаш активно учествуваме во промовирање на јазикот и културата. Здружението на наставници на германски јазик е еден значаен партнер и ние секогаш го поддржуваме во организирање на вакви активности каде ја приближуваме германската култура кај нас“, рече Гордана Вугер Бабоска, ГЕТЕ Институт Скопје.
Учениците одржаа богата музичко-културан програма и истакнаа зошто го сакаат германскиот јазик.
„Германскиот јазик го изучуваме од 6 одделение, искрено мене не ми претставува баш голем предизвик да го учиме, бидејќи е многу интересен јазик и мислам дека сите го обожаваат. Со труд се подготвувавме за ова, вложивме многу труд, децата беа многу заинтересирани, имавме добра соработка, се спремавме сите заедно, комунициравме и сето тоа го остваривме“, вели едно дете ученик во програмата.
„За мене германскиот јазик претставува една убавина, што не исполнува во нашата душа. Секој јазик е добар да се учи, но германскиот е малку посебен. Во нашето училиште германскиот јазик е најубавото нешто што може да се случи“, додаде друг ученик.
„Мене часовите по германски јазик преубаво ми поминуваат бидејќи го сакам германскиот јазик. Сум била во Германија 7 години, тоа ми е најбитниот јазик што го знам досега и најмногу го сакам бидејќи го знам од 3 години“, кажа трет ученик.
„Многу сум задоволна тука да бидам, многу ми е убаво и среќан Нова Година“, додаде нејзината соученичка.
Градоначалникот на Прилеп најави дека овој настан е почеток на богатата празнична програма која што ќе следува во периодот кој доаѓа.
„Продолжуваме со организирање на традиционалната слава, заштитникот на нашиот град Свети Никола и од 24 декември продолжуваме со програма и уште една предновогодишна приказна која ќе значи враќање на духот на прилепчани и најпразничен дочек од сите досега на Новата 2026 година“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Собраните средства од овој хуманитарен настан ќе се донираат за прилепчанец кој има потреба од помош.