Денес имаме еден навистина интересен соговорник со нас, а тоа е Македонка Костадиноска, одделенски наставник во основното училиште „Добре Јованоски“ во Прилеп, но поводот за разговорот не е тоа што таа е наставничка, туку тоа што има едно навистина интересно хоби, а тоа е рачната изработка на овие аксесоари за книги. Навистина едно интересно и пред се ретко хоби, не само во Прилеп, туку и на ниво на држава. Но пред се, добредојде во нашата емисија.
Секој кој сака да порача некој од воие оригинални ракотворби клик ТУКА!
Костадиноска: Ви благодарам за поканата и мило ми е што мислите дека моите изработки се уникатни и интересни.
Да, навистина се уникатни, тука може да забележиме разни торбички, футроли, повески за книги, за пенката итн., но ќе ни објасниш што се може да погледне публиката од она што го изработуваш. Но ајде да почнеме од почеток, како започна приказната со изработка на ова навистина ретко и интересно хоби, и пред се ракотворби и занает?
Костадиноска: Сите убави работи започнуваат случајно, па така случајно ми падна во раце една интересна наметка за книга, повеска од овој тип. Се отвора, тоа е како повеска за книга за да се заштитат кориците на книгата. Повеската беше од странство, ја разгледав и ми фати око дека можам да ја изработам и ја направив.
Кога беше тоа?
Костадиноска: Тоа беше крајот на месец јуни 2019 година. И како мало дете кога ќе добие нова играчка се прерадував, се пофалив на другарка и таа ме охрабри да изработам уште неколку повески. Во тој период бев активна многу во книжевните групи, ја споделив мојата изработка и така започна приказната М-арт дизајн.
Како што кажавме, овие се изработуваат рачно, ги изработуваш на машина, ќе имаме можност да погледнеме како изгледа таа изработка, но пред се за да ги изработуваш мораш да знаеш и да шиеш на машина.
Костадиноска: Да, од мала имав желба да изработувам. Кога бев мала со игла и конец куклите си ги обкелкував, си изработував облека за нив, но кога завршив факултет решив да изодам еден курс во работнички кај нас за шнајдерка. Потајно си мислев дека ќе ми се најде тој курс, тоа беше 2003 година, за по толку години, во 2019 навистина да ми се најди и да го почнам тоа патување со мојата Вишна, тоа секојдневно дружење да биде реалност.
Ова се плодовите од тој курс.
Костадиноска: Да, ова се плодовите на тој курс. На почетокот за мене си изработував облека, но сфатив дека премногу време ми одземаше, па материјали требаше да барам, па се омажив, деца, едно, друго, и така, обврски кои во животот имаат приоритет, семејството е секогаш прво, децата пред се и затоа можеби и прекинав со шиење. Мило ми е што прекинав, затоа што можеби ако продолжев со тие работи немаше да излезат овие изработки.
Колку време треба еве за овој примерок што го држам тука да се изработи?
Костадиноска: Секоја изработка бара различно време во зависност од деталите. Секоја изработка, конкретно овие торбички, овие футроли внатре имаат и внатрешен слој кој дава потпора и цврстина за да можат книгите да бидат заштитени, да се носат во ташна, во куфер, при патување, на плажа… секога изработка зависи од секој детал, а од тоа и времето.
Ги изработуваш според твоја инспирација, или според желбата на муштериите?
Костадиноска: Идеи има премногу кои можат да се најдат на Пинтерест, во другиве држави на социјалните мрежи, еве на Инстаграм следам неколку профили што изработуваат вакви изработки, така да идеи има премногу, битно е желба да се има, материјали да се имаат и да се има трпение и желба да се изработи нештото, но и љубов пред се.
Материјалите од каде се набавуваат, ги има тука во Македонија, или од странство?
Костадиноска: Дел од материјалите се од Македонија, но последнава година почнав да набавувам и од странство, затоа што некои дезени, конкретно вакви тука ги нема, иникатни се и се многу барани. Кај нас се материјали кои се платнени, памучни ранфорс материјали и тие се обично за постелнини, значи во нашава држава тој материјал се користи. Мебел штофовите, исто така и од нив има убави дезени, но се потврди за изработка и мојата другарка Вишна не е за толку крути материјали, а сепак еден аксесоар за книга и не треба да биде толку многу крут, треба да биде мек и затоа се одлучив баш за тие материјали. Значи од памучни, ранфорс, тексас, кепер, водоотпорни имам, работам со секакви материјали, работам по желба на муштериите и тоа би можела да кажам.
Од каде има најмногу порачки, од Прилеп или од другите градови?
Костадиноска: Да ви кажам ќе се изненадите, но порачките ми се 90% надвор од градов.
Дали си изработувала можеби за странство?
Костадиноска: Првите мои повески со гордост можам да кажам дека заминаа за Австралија, тоа ме направи посебно среќна и таа ми беше мотивација да продолжам и понатаму. Затоа што кога ќе го направите првиот производ и во тој период вие мислите дека сте го направиле совршен, но од денешна гледна точка, на пример оваа наметка е од првите и сега кога ќе ја погледнам ги гледам тие несовршени рабови, но тогаш во тој момент тие ми биле толку многу совршено изработени, толку ми биле убави, што јас едноставно самата сум се охрабрувала да продолжам со шиење. Пред некое време имав напишано на социјалните мрежи дека им се заблагодарувам на првите мои муштерии кои ги купија моите соработки кои не беа совршени, затоа што тие тогаш не купија совршен производ, тие купија една желба да успеам да изработам нешто што јас го гледам како совршено, а било далеку од совршено.
Тука може да се погледнат и производи кои одговараат согласно празниците. Има ли побарувачка во овој период од годината?
Костадиноска: Секоја сезона, секое годишно време си има свои дезени во склоп.
Трендовски?
Костадиноска: Баш трендовски, да. Есенските дезени завршија, сега на ред е најубавиот период во годината и мора и ние да бидеме во склоп и да го следиме трендот. За да бидат интересни изработките секогаш сум одела да направам комплети, затоа што кога подарувате едно парче некако си велите ајде да биде комплет, како сет да биде и да биде поинтересно. Уште едно да биде, да биде комплет, да не мора да биде само футрола, или торбичка, нека биде и книга или нешто поинтересено, нешто што го нема во продавниците, затоа што овие изработки верувајте дека не можете да ги најдете во продавница. Нешто што се изработува рачно, сите ракотворци знаат дека тоа се производи кои не можете да ги најдете во продавница, вие можеби ќе најдете да, сега веќе има и на Тему, можеби се достапни, но не и таа рачна изработка која ние ракотворците ја изработуваме, затоа што за едно изработено парче вие не знам колку време го поминувате низ раце, го вртите од една страна, од друга, значи му се посветувате максимално, му посветувате љубов на тоа парче за на крајот да излезе една изработка која што ние ракотворците велиме блеска од љубов.
Македонка ти благодарам за ова интервју и за овој разговор, а за крај каде може да ги најдат гледачите на ова интервју твоите изработки?
Имам една Фејсбук страна и една на Инстаграм, во книжевните групи веќе ме знаат и знаат како да ме контактираат. На сите мои изработки уште од самиот почеток стои телефонскиот број. Кој добил подарок, кој имал можност да порача веќе и ме препорачува мене, значи имам препорака од многу муштерии и мило ми е што е тоа така. Кога ќе се јават и ќе ме прашаат да ги видат производите, јас секогаш сум расположена и бидејќи нема каде тоа да го видат во живо јас им го доловувам со фотографии, со видеа, значи ќе отворам, ќе снимам, да видат колкав е просторот, мерам димензии, исто така по желба се изработуваат, не мора да бидат стандардни големини. Дел од производите кои ги изработувам тука не се, имам уште неколку како футрола за лаптоп, за киндле, за боички за најмалите дечиња.