Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања се осврна на темата со откупот на тутунот истакнувајќи дека откупната цена е до сега највисока и затоа и откупувачите и тутунарите се задоволни.
„Во моментов се откупени 23-24 милиони килограми тутун, а просечната цена е близу 420 денари, некаде околу 7 евра, што е највисока до сега. Гледате нема протести, нема блокади, нема ништо, туку напротив задоволни се и тутунопроизводителите и откупувачите. Кога на тоа ќе се додаде и субвенцијата тогаш доаѓаме до некои 500 денари по предаден килограм тутун. Тоа за мене е исклучително квалитетен род и би рекол исклучително квалитетен бизнис. На 24 милиони килограми, кога ќе ставиме 500 денари, добиваме околу 12 милијарди денари, околу 200 милиони евра ќе завршат кај тутунопроизводителите. И тоа е добро. Порано се откупуваа по 15-16 милиони килограми по цена од 120-130 денари, а денес е тоа 23-24 милиони килограми по цена од 420 денари по килограм, со субвенција 500. Навистина добра работа се прави“, изјави премиерот Мицкоски.
И министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека во текот на оваа година тутунопроизводителите добија и зелена нафта како мерка за стимулација и компензација на трошоците во производството. Дополнително, во Програмата беше вметната и мерка за површина, од 6.000 денари по хектар, што претставува уште еден дополнителен стимул, односно приход за тутунарите.
„Сликата во минатото беше трактори на улиците, негодувања и откупни цени кои беа далеку под денешното ниво. Денес имаме откуп на тутун каде што согласно квалитетот се оди на прва класа без одбитоци. Просечната цена на досега откупените околу 21 милион килограм тутун изнесува 419,84 денари. Кога сè ќе се сумира, доаѓаме до износ од над 500 денари по килограм, што минатата година претставуваше рекордно достигнување”, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека го следи гласот на тутунопроизводителите и дека кај нив има задоволство, но најави и дополнителни чекори за унапредување на секторот.
„По празниците ќе се работи на допрецизирање на одредени законски одредби во Законот за тутун и тутунски производи, со цел отстранување на недостатоците што ги воочивме во изминатиот период”, најави тој.
Министерот додаде дека ќе биде формирана работна група во која ќе учествуваат претставници од Сојузот на тутунари и од кај откупувачите, со цел наредната откупна сезона да биде уште порегулирана и поуспешна.