Дел од најновите објавени материјали поврзани со Џефри Епстајн, го свртеа вниманието на македонската јавноста, околу наводи дека во американски научни бази, се користеле и мозочни примероци обезбедени од Македонија. Станува збор за истражување направено од американските професори Џон Ман и Викторија Аранго, за мозокот на депресивните жртви на самоубиство, објавено во декември 2001 година, а за чии потреби според најновите документи објавени на интернет страницата на американското министерство за правда, биле користени ткива од земјава посредувани преку колега со македонско потекло од универзитетот во Колумбија.
„ Сега тие собрале колекција од околу 1.000 човечки мозоци – некои од жртви на самоубиство, другите, контролни мозоци – уредно складирани во замрзнувачи чувани на -112 степени Целзиусови. Малата балканска земја Македонија придонесува со најновите мозоци, благодарение на член на факултетот од Колумбија од таму кој помогна во организирањето. Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по отстранувањето и се пренесуваат во куфери, со придружба, околу 4.700 милји за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, со QR код. Внатре се дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси означени со маркери: десна страна, лева страна, датум на собирање“, пишува во текстот што циркулира како дел од новите објави на американското министерство за правда, а со наслов „Стар лек што би можел да го реши проблемот со самоубиство во Америка“.
На интернет-страницата на американската Национална библиотека за медицина е достапен научен труд од јули 2014 година, издаден од Македонска академија на науките и уметностите, Оддел за медицина. Автори на трудот се професорот Горазд Росоклија од Универзитетот Колумбија, поранешниот директор на Институтот за судска медицина Алексеј Дума и професорот Ендру Џеј Дворк, исто така од Универзитетот Колумбија. Трудот, со наслов „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: општи лекции за научна соработка меѓу земји со различно богатство“, ја опишува соработката меѓу македонски и американски институции во областа на психијатријата и невропатологијата.
Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“, потврдува дека проектот се реализирал во периодот од 1990-тите до почетокот на 2000-тите години. Тој нагласува дека станувало збор за строго научна соработка, без каков било финансиски интерес.
„Мозокот не може да се продаде, ниту да се трансплантира. Не постои црн пазар за такво нешто“, вели Дума.
Според него, постоеле јасно дефинирани протоколи – по вадењето, мозокот морал за многу кратко време да достигне температура од минус 80 степени и да биде транспортиран во соодветна лабораторија. Тој не прецизираше колку примероци од Македонија биле испратени, но посочи дека бројката во никој случај не изнесувала 1.000, бидејќи банката на Универзитетот Колумбија веќе собирала мозочни ткива од повеќе земји низ светот, според строго утврдени критериуми.
Дума додава дека проектот бил финансиран од Националниот институт за здравје на САД и дека Универзитетот Колумбија го добил грантот под строги услови. За учество во проектот, согласност дала и етичката комисија на Медицинскиот факултет во Скопје.
„Сè се одвиваше според правила, без профит и без вмешаност на трети страни“, нагласува тој.
Како посредник меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и Универзитетот Колумбија бил вклучен професорот Горазд Росоклија, а во проектот учествувале повеќето лекари од Институтот. Според Дума, еден од главните бенефити за Македонија бил образовниот – млади лекари добиле можност за усовршување и стекнување нови знаења. Целта на соработката била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања. Македонија била интересна за проектот поради високата стапка на обдукции и стручниот кадар, додека американската страна располагала со напредна технологија, но немала доволно примероци.