„Пошта“ доби 100 возила за подобра и навремена достава на пратките

Facebook
Twitter
Email
Print

„Македонска пошта“ доби 100 нови возила како дел од мерките за модернизација и подобрување на услугите, со цел да се зголеми ефикасноста на доставата и да се зајакне капацитетот на државната компанија. Инвестицијата за новите возила е вредна околу два милиони евра и сега ќе може да се очекува навремена достава на пратките.

„Добивме 100 возила, 90 автомобили пикап и 10 комбиња. Недостигот на транспортните возила беше еден проблем што ни создаваше предизвици во извршување на задачите. Со оваа поддршка денес значително ја подобруваме поштенската инфраструктура, олеснувајќи го извршувањето на поштенските услуги, побрзо и поефикасно“, рече директорот на „Пошта“, Охран Куртеши.

Кога ја презел функцијата, во магацинот на „Пошта“ имало 600.000 неподелени пратки, кои за една недела се реализирани до граѓаните. Сега, како што додаде, нема ниту една пратка што стои во магацин.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека оваа институција била заборавена од претходната влада, за која се спремала физибилити студии за продажба и за приватизација. Според него, „Пошта“ е единствената институција која врши универзална услуга, што значи без разлика дали се работи за најголема пратка или за најмало писмо, кое од Скопје треба да стигне во најмалото село во државата.

Дополнително, додаде дека се планира набавка на нов софтвер и современа сортирка, која, според најавите, ќе биде единствена во регионот и ќе овозможи „Пошта“ да стане една од најмодерните поштенски институции во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се работи за нова енергија и нова функционалност за еден систем „кој со години беше оставен да се справува сам со предизвиците“.

„Владата преку Министерството за транспорт реализира набавка на 100 нови возила за потребите на „Македонска пошта“. Ова не е случајна одлука, ова е одговор на реална потреба. Просечната старост на возилата со кои досега работеше „Македонска пошта“ е околу 15 години, тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност. Тоа значи доцнење на пратките, незадоволство кај граѓаните и намалена доверба на системот. Решивме да ставиме крај на тоа“, рече Мицкоски.

Нагласи дека оваа набавка е дел од поширока стратегија, да ги обновиме инситуциите, да ги модернизираме јавните услуги и да ги направиме функционални за граѓаните затоа што, посочи, институциите постојат за да служат, а не да бараат оправдување.

Возилата се донација од Владата и Министерството за транспорт и врски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира