ВИДЕО- Од фрлено јаболко до „Преспино“ – една успешна преспанска приказна


Семејството Транталовски од Ресен е едно од ретките кои произведуваат чисто органски производи во Преспа и кои целото свое производство од околу 150 тони јаболка годишно, како и лешници, наместо да го продаваат како сирови производи, го преработуваат во финален производ.

Така, од 2021 година тие го произведуваат својот, сега надалеку познат бренд сок од 100 проценти јаболка – „Преспино“. Произведуваат и разни џемови и слатка, а од лешниците прават масло и путер.

За време на ковид-кризата биле пред целосно откажување од земјоделието, но тогаш се случил пресврт.

„Тоа беше пресудно, кога јаболкото имаше најниска цена, дури се откупуваше за 0,5 денари. Ние тогаш не предадовма околу 300 тони јаболка туку ги фрливме. Од таа година наваму, решивме нашите производи да ги преработуваме во финален производ. Зедовме некои мали машини, но во соработка со Националната федерација на фармери, кои ни помогнаа преку програмата We Effect и Шведската амбасада, да дојдеме до машините што ги имаме сега за преработка на овошје. Значи, нашиот бренд ‘Преспино’ е веќе препознат во целата држава, сокот го знаат сите. А со јаткастите плодови започнавме пред околу четири години, со мала преработка. Тогаш сè уште не беше донесен законот за оператори со храна и не можевме да го пласираме нашиот производ. И кога се донесе тој закон, се регистриравме како мали оператори со храна за јаткасти плодови и за јаболчесто овошје“, вели Пере Транталовски, индивидуален земјоделец.

Сега, од малата работилница во Ресен, подготвуваат поголем погон кај селото Евла. Се надеваат на поголемо производство, а за да бидат поконкурентни на пазарот и да добијат поевтини производи, инсталирале и мини фотоволтаична централа на покривот од објектот, за производство на електрична енергија.

„Моментално сме во нашата нова работилница, која сè уште се подготвува, значи не сме готови, но за кратко време ќе бидеме и тука ќе се прават нашите производи. Тука ќе се преработуваат јаболката, а во близина, на дваесетина метри од овој објект, имаме и друг објект што сега го зедовме и таму ќе се преработуваат јаткастите плодови. Ќе одиме и на друг вид овошје, како праски, сливи и нектарини, овошја што ни се потребни за преработка“, објаснува тој.

Разликата помеѓу органското и конвенционалното производство најчесто се поврзува со начинот на третирање на храната. Органските производи се сметаат за поздрави, додека кај конвенционалното производство се користат хемиски средства, поради што може да има остатоци од пестициди.

Сепак, тоа не значи дека органските производи воопшто не се третираат туку како што објаснува Транталовски, наместо синтетички хемикалии, се користат органски препарати кои се одобрени според националните и меѓународните стандарди. Овие препарати денес се значително подостапни отколку во минатото.

Ова семејство моментално произведува 16 видови производи: сокови, путер од лешник, путери од други јаткасти плодови, природен јаболков оцет, овошни ликери и џем од органска малина.

„Оваа година сакаме да почнеме, бидејќи имаме нови машини, сакаме да почнеме и со нови џемови, како од сливи и праски и затоа сега садиме нови култури. Овој наш бизнис е веќе разработен, го градиме веќе четири години и се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму со нови производи и нови палети. Нашите купувачи се многу задоволни, нѐ бараат, што значи дека сме направиле успешен производ“, објаснува Транталовски.

Производите се дистрибуираат и во Скопје, за што се задолжени помладите членови.

„Најголема награда за нас е кога наши клиенти ни се јавуваат и доцна навечер.Тоа ни е најголемо достигнување, најголема награда по тоа што се препознаваме“, со гордост раскажува Рахела Транталовска, индивидуален земјоделец и сопруга на Пере Транталовски.

Семејството Транталовски велат дека органските производи секогаш се поплатени, поценети и побарани на пазарите, не само кај нас, туку и во светот.

„Самото наше поднебје е одлично за преработка на храна, секаква храна може да успее кај нас. Јас мислам дека ако нашите македонски земјоделци имаат малку повеќе визија, младите нема да бараат излез и побрза печалба надвор од Македонија, туку ќе гледаат да го искористат тоа што го имаат овде и да создадат финален производ. Ние во Македонија сме препознатливи по вкусот и мирисот на храната и верувам дека иднината, особено за младите, е во создавањето производи по кои ќе се препознаваат“, потенцира Транталовска.

Оваа успешна приказна е доказ дека чистото, еколошко и органско производство, како и производството на финални производи, се иднината на земјоделието, не само во Преспа, туку и во цела Македонија.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо Компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира