ВИДЕО- „Царицата“ од Ресен пример за тоа каде треба да се движи македонското земјоделство


„Царицата“ не е само обично јаболко, тоа е органски бренд на јаболко со интересено име кое го произведува Кирил Прцуловски од селото Царев Двор во близина на Ресен. Она што е интересно да се каже за овој бренд е дека препаратите со кои се третираат овие овошки покрај нас господинот Прцуловски сам си ги произведува. Приказна која заслужува внимание и која заслужува да ја погледнете. А за вкусот за жал ќе мора да го пробате сами.

Кирил Прцуловски од преспанското село Царев Двор во 2007 година се враќа од Скопје во Преспа за да ја продолжи традицијата на своите предци во производството на јаболка. Се до 2014 година работи на конвенционално производство на јаболка, кога во месец април таа година огромно невреме со град го уништува целото негово производство. Тоа било некако пресуден момент од тогаш да се занимава исклучиво со органско производство.

Влегов во една авантура која отпосле дури видов колку е голема, како неизвесност, како незнаење, како неискуство, но не застанувам, продолжувам понатаму и единствениот спас за Преспа, па и цела Македонија го гледам токму во зелената агенда, органското производство поврзано со туризмот и производството на храна.

Зошто, која е разликата помеѓу органско и конвенционално производство и бенефитите?

Епа ајде повторно вие самите ќе кажете, повелете едно јаболко, ова е органско јаболко. Пробајте го Ве молам. Самите кажете сега што чувствувате?

Навистина вкусно и поразлично од она што можеме да го купиме од продавниците.

Ова е јаболко од сортата ајдаред. За да купувачот го препознае производот како органски најлесно ќе го направи тоа преку вкусот, односно богатството на вкусовите, аромите кои било кој органски производ ги нуди, а тоа е последицата на богатството на нутриентите кои се од 3 пати до 10 пати поголеми од конвенционалното производство“, истакна Кирил Прцуловски, производител од органско јаболко на брендот „Царица“.

Прцуловски вели дека барање за органското производство има, но требало граѓаните да знаат дека тоа е поскапо за разлика од конвенционалното јаболко, но кога ќе се споределе нутритивните вредности и воопшто незагадениот плод, тоа било далеку поевтино.

Има ли барање и пласман за нашето органско производство?

Видете, секој сака убаво да касни, но секој не може да си дозволи да го плати. Бара повеќе и средства и труд вложување во производството на органското јаболко, неизвесноста е поголема, континуираноста на количина која ја добиваме секоја година не е еднаква, што предизвикува и поголема цена на самиот производ.

Колкава е разликата во цената?

Епа сега вака јас ќе направам една проста математика. Јас ги нудам овие јаболка по 100 денари, содржината на ова јаболко е за 3 пати поголема од исто конвенционално јаболко, значи содржината во еден килограм органско јаболко што ја има како богатство на нутриенти, односно хранливи материи, ќе треба да купите 3 килограми конвенционално за да ја исполните. Зборувам за македонско јаболко, ако е од страна ќе треба 10 да купите, 10 килограми по 80 денари ќе биде 800 денари, а македонското ќе ве кошта 150 денари. Вие го добивате ова јаболко за 100 денари.

Она што дава дополнителен куриозитет во целата приказна за брендот „Царица“ е тоа што Прцуловски сам си ги подготвува органските препарати со кои ги третира јаболката. Иако дел ни кажа како го подготвува тој процес, сепак тајната на рецептот, останува негова.

Кај нас е голем недостиг на органски препарати и најчесто сите се од увозен карактер и со енормни цени. Да речеме НИМ-от кошташе 3.000 денари еден литар, за 1.000 литра препарат или една прскалица треба да употребам 10 литри, тоа значи 500 евра само за една прскалица. Јас користам во едно прскање 3, тоа се 3.000 литра по 500 евра, 1.500 евра, по 10 прскања ако направам со тој препарат, па направете ја математиката колкава е, 15.000 евра за 10 прскања, а ако се 20? Мораме, затоа што тие не се системични како во конвенционалното производство, туку се контактни препарати кои не траат, немаат голема трајност.

Од што го произведувате вашиот препарат?

Дозволено е сето она како начин за заштита, одгледување и нега што човекот го користи. Чаеви кои се добиваат од природни препарати во стилот на коприва, нане, други ароматични треви и чаеви што ние ги користиме во секојдневието наше за негување на нашето здравје“, вели“, додаде Кирил Прцуловски, производител од органско јаболко на брендот „Царица“.

Но за жал органските производители на јаболка во Преспа ги има се помалку. Во Ресен има регистрирано 2.600 земјоделски стопанства, со околу 4.000 хектари под овошни насади, 90% од нив под јаболка. Од сето ова само 95 хектари се пријавени за органско производство на јаболка. Една од причините за намалување е тоа што неколку години имало застој во исплатата на субвенциите за органско производство. Според експертите потребни се законски измени и поголема промоција на органското производство.

Нашите производи како органски многу тешко наоѓаат пласман и во државата и надвор, бидејќи не е развиена маркетингшката мрежа на органското производство и со тоа земјоделците кои работат органско производство се соочуваат со проблемот на пробивање на пазарите како органско производство и најмногу органските производители се приморани своето производство во текот на годината да го продаваат како конвенционално, а фактички имаат сертификат за органско производство.

Што би требало да се направи во иднина за да се смени ваквата ситуација?

Во иднина треба да се направат некои законски и подзаконски измени во Законот за органско производство и поголема едукација и кај земјоделците и кај потрошувачите на органски производи“, изјави Сашко Андреевски, раководител на подрачната канцеларија на Министерството за за земјоелство.

Од Општина Ресен велат дека активно работат на тоа да се подобри целата ситуација во општината за да се зголеми бројот на органски производители и да им се помогне во нивните напори на овој пат. Еден од тие проекти е и повторното отворање на компостарата, која била затворена во 2017 година, а сега ќе може да ги задоволи потребите на многу поголем регион од Преспа.

 Сега ако го имавме ние и го зголемувавме производството на тој органски компост кој повторно би можел да се реупотреби во земјоделството, можеби овој процент ќе беше малку поголем. Во спротивно остануваат земјоделците да се потпрат на оние ѓубрива и третмани на овошките  кои ги имаат на дофат. Затоа ние како јавно претпријатие имаме повторно еден проект со меѓуграничната соработка со Грција каде септември 2027 година имаме одобрен проект за реновирање на компостарата. Се надевам дека ќе допреме до граѓаните, дека ќе допреме и заедно да ја обновите таа компостара и не само да остани на локално ниво, туку таа да ја малку прошириме со текот на времето  и на регионално ниво, затоа што во регионот во моментов нема таков субјект“, потенцираше Марчел Русу, директор на ЈКП Пролетер Ресен

 

 Не секогаш зависи од самите производители, некогаш производството е условено со партнерите каде производот треба да се пласира. Тука мора да бидеме сите чинители, еднакви, заедно со националните програми,  локалните, европските програми заедно и производителите, оркупувачите и сите чинители во нашиот процес да бидат усогласени за да можеме да го постигнеме подобро тој ефект“, кажа Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.

И како што вика Кирил Прцуловски, иднината на македонското земјоделство е во органското производство, но потребно е обезбедување сигурен пласман и пазар, поголема поддршка од државата и негова поголема промоција.

Со оваа содржина, Инфо Компас ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира