Сезонските работници, особено од секторот угостителство, во периодов наголемо започнаа да заминуваат надвор од Македонија, а главната дестинација и понатаму останува Хрватска. Според угостителите овој сектор тоа го чувствува со околу 30-тина проценти помалку квалификуван кадар, како кувари, скарааџии, пицмајстори и друго. Додека за шанкери и келнери тој процент е помал. Угостотелите очекуваат дека новиот Закон за работно ангажирање ќе армортизира дел од овие проблеми кои ги имаат.
„Со новиот Закон ни се дозволи како добра помош да ангажираме средношколци и малку ни се олеснија работите што се јавуваат со недостаток на сезонски работници од келнери, шанкери. Полесно квалификуван кадар полесно се најдува моментално, ни се дозволи да можеме да ги осигураме, да бидат легално присутни во објектот без некаков проблем. Кога ќе заврши школската година ќе имаме поголема понуда од работна сила од средношколците“, истакна Јорданчо Момироски, претседател на здружение „Меанџии“ од Прилеп.
Со Законот за работно ангажирање сега сезонски може да се ангажираат лица под 18 години, студенти, веќе вработени лица, пензионери, како и корисници на разна помош од државата без истите да го изгубат својот статус. Законот првично ќе важи во секторите угостителство, земјодество и оние кои работат услужни дејности во домаќинствата.
„Организираат инфо средби во повеќе региони во Македонија со цел што повеќе да се анимираат сите овие дејности, угостителите, земјоделците, со цел да биде што поприфатлив законот и добро објаснет од наша страна. Досега имаме повеќе десетици пријави во АВРМ, но тоа е уште малку, овој период го користиме комплетно за информирање, а додека наредниот период на терен ќе излезе и трудовата инспекција со што ефектот би бил поголем“, додаде Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Прилеп има околу 90-тина угостителски објекти со над 700 вработени.