Прилеп го доби првото официјално Собирно место за селекција и одлагање на отпад во Прилеп. Од денес, граѓаните на едно место ќе можат правилно да одлагаат електричен и електронски отпад, отпад од текстилни производи, стаклена амбалажа, хартија и пластика.
Собирното место се наоѓа на ул. „Трајко Николоски“, пред влезот на гаражите на ЈКП „Комуналец“, на безбедна и контролирана локација со 24-часовен надзор, со цел заштита на поставената инфраструктура и нејзино правилно користење.
Ова е значаен чекор кон создавање на поорганизиран, поодржлив и поеколошки систем за управување со отпадот во нашиот град.
„Комуналната опрема за собирање на електричен и електронски отпад е обезбедена од колективниот постапувач „Ел Колект“, кој согласно законските обврски ќе го собира, транспортира и рециклира отпадот. Во собирното место може да се одлагаат мали домашни апарати, ИТ и компјутерска опрема, телефони, кабли, светилки, монитори, како и друг вид електричен и електронски отпад. Во соработка со колективниот постапувач „Тексомак“ и кампањата „Селектирај отпад“, започнуваме и со системско собирање на текстилен отпад. Граѓаните текстилниот отпад ќе можат да го одлагаат во собирното место пред ЈКП „Комуналец“, во кругот на „Комфи Ангел“, или преку апликација да пријават подигање на отпад директно од нивниот дом. Ова собирно место претставува почеток на еден нов системски пристап во управувањето со отпадот, со кој ја подигнуваме јавната свест и се подготвуваме за идниот регионален систем и регионалната депонија“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Општина Прилеп, заедно со ЈКП „Комуналец“, веќе работи и на проект за голем современ Собирен центар, каде што ќе се селектираат најмалку 30 видови отпад, согласно сите современи стандарди и законски обврски.
Инаку Прилеп денеска го доби и ново специјализирано возило за подигање на отпад, обезбедено преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад.