Во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп се одржа првиот во Македонија „Меѓународен средношколски форум на економски училишта“. Имаше гости од Србија и повеќе средни економски училишта од Македонија. Целта е да претстави економската струка како двигател на општеството и струка која доста вложува во своите ученици за да истите веднаш по завршувањето на образованието одговорат на потребите на пазарот на труд.
„Целта е да си го споделиме своето мислење во однос на човечкиот капитал, односно учениците, дека мора како образование да инвестираме во вештините на учениците за да имаме и подобра економија и подобро општество. Работиме со струките кои се веќе одобрени од Центарот за стручно образование, но веќе и од присутните колеги имаме изработено и нови струки за кои се чека одговор од Центарот и од МОН, со цел да излезиме спремни на пазарот на трудот“, изјави Христина Бозоска Николоски директор на СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп.
„Навистина имаме добра образовна инфраструктура во Прилеп, што значи не само објекти и градби, туку навистина и добри професори кои треба во иднина да произведуваат уште поквалитетни кадри, онакви кадри какви стопанството ги бара. Знаете дека барањата на стопанството до неколку години наназад не се усогласуваа со производството на кадри и во моментов како локална самоуправа со општиот сектор во администрацијата размислуваме како уште повеќе да ги доближиме кадрите кои ги произведува средното образование кон пазарот на трудот, односно да ги доближиме кон барањата на стопанствениците, односно да бидат поподготвени за да ги прифатат во нивните производствени процеси и во процесите на работа“, посочи Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Дoан Сулејманоски е вистински пример за тоа како во моментов иднината е во струлните училишта како СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“. Сулејманоски бил првенец на генрација во економското училиште во Прилеп, а сега е директор на СУГС „Шаип Јусуф“ во Скопје.
„Секогаш учениците од ова училиште биле одлични и најдобри студенти на правните и економски факултети во државата. Ваквите настани се одлични бидејќи даваат можност учениците од 9 одделение да најдат соодветен избор и не секогаш да се слушаат другарот или групата на другари кога се одбира еден профил. Ваквите училишта, особено средното стручно образование и ваквите училишта како СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“ нудат практични и теоретски можности, кои претставуваат клучна претпоставка за да се покаже она што се научило и во пракса, но и во теорија. Средното стручно образование овозможува поголем избор на учениците, бидејќи со завршување на истото се оспособени да работат и да одговорат на барањата на пазарот на трудот и стопанството, а од друга страна се многу попотковани и поспремни кога продолжуваат во високообразовните институции во државата и во странство“, додаде Дoан Сулејманоски , СУГС „Шаип Јусуф“ во Скопје.
Гостите од Србија исто така ја потенцираа важноста од вложувањето во човечките ресурси односно самите ученици да бидат способни веднаш по завршувањето да одговорат на потребите на стопанството.
„Не можете да бидете добар келнер или добара кувар само читајќи книги. Туку вие мора да имате професор по практична настава кој тоа ќе ви го покаже. Но многу е важно и вие као млад ученик да патувате, да видите како се прави тоа во други градови, на други јазици, во некоја друга култура. Така што дефинитивно вештините кои се стекнувата со тоа се нешто што не може никаде да се купи, а не може ниту да се наплати, тоа се стекнува само патување и дружење во вакви прилики и на вакви места“, истакна Јасмина Бориќ, професор во економско училиште во Сомбор, Србија.
„Кадарот кој излегува може уште утре веднаш да тргне да работи. Значи има тука многу практична настава, многу повеќе практична од теоретска настава. Така да се обидуваме со учениците да ги оствариме сите нивни бизнис идеи, да им помогнеме во пишувањето на бизнис плановите, во остварувањето на тие проекти и во тоа сме доста успешни“, кажа Сузана Стошиќ, Економско училиште од Ниш, Србија.
Ова е прв ваков „Меѓународен средношколски форум на економски училишта“, а од СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп се надеваат дека истиот ќе прерасне во традиција и дека идната година ќе имаме многу повеќе гости од различни држави од соседството.