Со показна вежба и изложување на дел од опремата која ја поседува ТППЕ Прилеп на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“се одбележа 20 мај Денот на пожарникарите. Во моментов во Прилеп има 34 постојано вработени пожарникари и 10 преку привремени вработувања. Согласно законот на 1.500 жители потребен е по 1 пожарникар, значи во Прилеп се потребни уште некаде 30-тина вработувања во овој дел.
„Моменталната опременост е онаа што ја имаме наназад неколку години, овој период се врши превентивно тековно одржување на возилата, да бидат во што е можно подобра кондиција за кога би настапиле тие пожари на отворено. Нив ги потенцираме затоа што покриваме поголема површина, 2 општини се во прашање. Возилата се во добра кондиција, тековно се одржуваат, не се нови, а како што кажа градоначалникот очекуваме нови возила во наредниот период кои како нова опрема би ни помогнала и би ни ја олеснила работата“, истакна Виктор Стојчески, заменик командир на ТППЕ Прилеп.
Од почетокот на годината до денес во прилепско имало 350 пожари во затворен простор, како и на отворено. Надлежните апелираат да се внимава особено со палењето на стрништа и друг оган на отворен простор затоа што голем дел од пожарите освен намерно предизвикани настануваат и од невнимание.
„Се надевам дека министерствата ќе дадат позитивно мислење на нашето барање за ангажирање на други пожарникари, зголемен број на пожарникари од она што денес го имаме во ТППЕ. По однос на техничката опременост побаравме од нив да изработат список на возила кои со минимални средства можат да се коригираат, вчера беше тоа и тема на ЗЕЛС, на управниот одбор и сметам дека во таа насока се движи цела Македонија во моментов, поддржана од институциите кои се на некој начин надлежни за справување со кризи и за заштита и спасување. Имаме неколку возила кои заменик командирот ги даде како предлог дека треба да се дооспособат, а во преговори сум за донација на 2 противпожарни возила кои би значеле подобрување на техничката опременост на службата. Оваа година за жал средствата во буџетот се ограничени, немаме обезбедено средства за купување на нова опрема, но се надевам, односно сум убеден дека во буџетот за 2027 година ќе имаме одредена висина на средства кои ќе се искористат за доопремување на капацитетите на ТППЕ“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
ТППЕ Прилеп покрива најголема територија во Македонија, а освен во Прилеп ја покрива и територијата на Општина Долнени.