Едукативните активности за заштита на животната средина продолжуваат во Преспанскиот регион. Во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Царев Двор се одржаа работилници и еко-акции во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста животна средина“, која се приклучи и ја поддржа акцијата „Генералка викенд“.
„Овие работилници се дел од самата кампања и ги организираме по училиштата во соработка со активностите што ги реализираат училиштата. Учениците и наставниот кадар сѐ уште се една од групите граѓани кои преку кампањата сакаме да бидат опфатени, за заедно сите да придонесеме за подобра средина и почиста Преспа“, истакна Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
Учениците чистеа во и околу училишниот двор, додека екипите на ЈП Македонија пат го расчистуваа регионалниот пат покрај училиштето. Подружницата на Национални шуми од Ресен донираше повеќе дрвја и растенија, кои беа засадени во кругот на училиштето.
Наставничката Наташа Нечовска, на доста забавно-едукативен начин, им го пренесе на учениците значењето и важноста од заштитата на животната средина. Со одделенците претставија интересен експеримент за тоа како се топат половите на Земјата поради климатските промени, кој пол побрзо се топи и како врз сето тоа влијаат ладните и топлите морски струи.
„Нашата главна цел беше да ги стимулираме учениците, и екологијата како наука да ја извадиме од учебниците, поврзувајќи ја со интересен предизвик, игра и успех. Ваквите активности секогаш оставаат поголем впечаток и повеќе го истакнуваат искуственото учење во насока на полесно осознавање на работите во пракса, отколку кога само теоретски читаме или учиме“, потенцираше Наташа Нечовска, наставничка по биологија, хемија и природни науки во ООУ „Браќа Миладиновци“ – Ресен.
Со учениците беше организирана и активност за тоа колку време му е потребно на одреден предмет што се фрла во природата да се разгради. На пример, на стаклото му се потребни 1 милион години за да се разложи, на пластиката од 200 до 500 години, на мастиките за џвакање 50 години, додека најбрзо се разградува органскиот отпад, за кој е потребно помалку од еден месец.
„Бидејќи Преспа е заштитено подрачје кое се наоѓа помеѓу два национални паркови, многу е важно да се заштити животната средина, затоа што така ќе стане попривлечна за туристите, нема да има ѓубре и ќе изгледа поубаво. Овие часови се доста интересни за сите ученици и сите се заинтересирани. Во текот на целата година се одржуваат вакви работилници и посетуваме места кои ни помагаат подобро да ја запознаеме нашата средина во која живееме и како да ја заштитиме“, вели Розе Апостоловска, ученичка во 9. одделение во ООУ „Браќа Миладиновци“ – Ресен.
„Иако мојот предмет не е директно поврзан со екологијата и чистата животна средина, како наставник по странски јазик, често се трудам да ја пренесам културата, конкретно на Франција. На пример, на часовите кога учиме за боите, им давам пример од Франција дека уште од 1975 година тие имаат воведено закон со кој се дефинира што е отпад и како истиот треба да се складира и рециклира. Потоа користиме различни бои на корпи – зелена, сина и кафеава и учиме што се фрла во тие корпи“, додава Павел Митревски, наставник по француски јазик во истото училиште.
Активностите во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста животна средина“ продолжуваат и во другите населени места во Преспа, со цел преку едукација и практични активности граѓаните да се поттикнат кон поголема грижа за природата и почиста животна средина.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо Компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.