ВИДЕО : Танцовото студио „Зодијак“ – 2 децении уникатен културен бренд на Прилеп

Танц студиото „Зодијак“ од Прилеп постои веќе 19 години. Формирано е 1998 година како придружна активност на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, а негов основач е Кире Миладиноски. За овие 19 години низ ова студио поминале над 1.500 ученици. Дел од нив сега се занимаваат и професионално со танц како во Македонија, така и странство.

 

Миладиноски вели дека Студиото „Зодијак“ се занимава со истражување на различни техники од современиот танц, како техники на дишење, држење на тело, техники од класичниот балет како основа и многу други. Моментално „Зодијак“ брои над 100 членови.

 

 

Имаат гостувано со свои перформанси на сите континенти, на интернационални фестивали, како што се фестивалите во Њујорк, Лајпциг, Севиља, Мадрид, Љубљана, Атина, Драч, Белград, Софија, Бургас и многу други. Наградите се неизоставен дел од скоро сите гостувања.

 

Во 2008 година Миладиноски се доедуцира и усовршува на танц академијата во Љубљана и на престижната академија во Виена. Дев години подоцна, во 2010 студиото „Зодијак“ ја доби и наградата „3-ти Ноември“, највисоката награда што ја доделува Општина Прилеп, за посебни придонеси во областа на културата и уметноста во нашиот град.

 

В година, за 20 годишниот јубилеј, предвидени биле неколку работилници, две гостувања во странство, неколку премиери на музичко сценски спектакли и годишен концерт со кој што ќе се заврши целокупното работење за 2018 година.

 

Последното дело на „Зодијак“ е претставата за деца или музичко-сценскиот спектакл насловен „Аладин и волшебната ламба“ која ја работат заедно со училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп. Претставата својата премиера ја имаше на 22 октомври, и поради својата уникатност и атрактивност е репризирана повеќе пати.

 

Нејзиното наредно прикажување ќе биде во сабота, на 30 декември, во 12 часот во домот за култура „Марко Цепенков“. Миладиноски вели дека обично студиото работи современ и модерен танц, но со овој проект експериментирале и со театарската уметност.

 

Според Миладиноски во иднина потребна е поголема поддршка од државата за ваквиот вид на студиа или школи во контекст на изнаоѓање на мултимедијални простори каде што ќе можат танчерите да вежбаат и да се усовршуваат.

 

Танц студиото „Зодијак“ ќе учествува и на дочекот на Новата година на 31 декември на градскиот плоштад во Прилеп.

 

Со часовите и нови членови планираат да започнат по празниците.

 

Повеќе за танцовото студио „Зодијак“ погледнете во интервјуто со неговиот креатор Кире Миладиноски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи