49 жртви во терористички напади во две џамии во Нов Зеланд

Facebook
Twitter
Email
Print

49 лица загинаа а најмалку 20 се повредени при оружен напад врз две џамии во Красјчрч на Нов Зеланд.

 

Брентон Тарант, 28-годишен Австралиец, расист и екстремен десничар со радикална анти-имигрантска идеологија, го изврши најсмртоносниот терористички напад во историјата на Нов Зеланд. Целиот напад го пренесувал во живо на социјалните мрежи преку камера поставена на неговата глава.

 

Новозеландските власти утврдија дека се работи за човек инспириран од норвешкиот масовен убиец Брејвик, кој пред осум години уби 70 луѓе на островот Утоја. Идентично како и Брејвик, и Тарант го најавил нападот и објавил неонацистички манифест, во кој, алудирајќи на мигрантите, пишува дека нема да дозволи освојувачите да завладеат со светот, каде што живеат белци. Инспириран бил и од српските историски личности, како кнез Лазар и Милош Обилиќ, чии имиња биле испишани на оружјето.

 

„Јасно е дека ова може да биде опишано само како терористички напад. Од тоа што го знаеме, се чини дека бил добро испланиран“, изјави премиерката Јасинда Ардерн.

 

Четворица, три мажи, и една жена се уапсени за нападот. Засега нема информации дека биле на листа на терористи кои биле следени. Веднаш по нападите, властите го затворија целиот град и им препорачаа на жителите да не излегуваат од своите домови.

 

Преживеаните сведочат дека и двете џамии биле полни со верници кога напаѓачот влегол и отворил оган.

 

„Три четири минути по почетокот на говорот слушнавме истрели од главниот влез на зградата. И тогаш сите почнаа да бегаат кон задните врати за да се спасат“, вели Махмуд Насир кој бил присутен во џамијата Ал Нур.

 

„Имаше клупа. Јас само лежев под неа. Половина тело ми беше надвор од клупата, каде се криев. Се преправав дека сум мртов. Тој употреби седум шаржери. Само се слушаше пукање“, изјави очевидец.

 

„Пукањето треаше околу шест минути. Можев да слушнам само лелеци и плачење“, изјави очевидец

 

Во соопштението од полицијата се предупредуваат граѓаните да останат во своите домови и да не посетуваат џамии каде било на Нов Зеланд. Според полицијата, засега не е познато дали имало и други луѓе вмешани во престрелката во овој град со околу 375 илјади жители.

 

Нов Зеланд лани беше прогласен за најбезбедна држава во светот, веднаш по Исланд.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи