ВИДЕО – Заев : Илинден треба да не сплотува и обединува, променета агенда пак ги налути ВМРО-ДПМНЕ и потомците на Никола Карев

ИЗВОР СИТЕЛ.

 

Илинден е повик за обединување и заедништво. Поделбите не се патриотизам. Нема подобар начин да им се оддолжиме на Илинденците од тоа да го продолжиме нивното дело. Продолжуваме да го негуваме концептот едно општество за сите, кој што е наследство и е втемелен во Крушевскиот манифест. Ова денеска пред граѓаните на прославата за Илинден на Мечкин Камен во Крушево, го истакна премиерот Зоран Заев. Заев додаде дека Владата работела на политиките за надминување на поделбите и токму затоа годинешниот слоган за Илинден бил „Сите сме деца на Илинден“.

 

 

Заев додаде дека граѓаните денес можеле да бидат горди што се заокружил процесот на меѓународно признавање на Македонија како идна члена на НАТО и дека безбедноста на земјава никогаш не била позагарантирана отколку сега. Заев рече и тоа дека ЕУ и дала највисоки оценки досега на Македонија со што се отвориле перспективите за влез во ЕУ семејството. Според Заев денес патриотизам било да се работи на тоа младите да останат тука.

 

Годинешната прослава на Мечкин Камен беше проследена од неколку илјади луѓе и помина мирно без поголеми инциденти, освен свиркањето и вербалните дофрлувања на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ кога таа поминуваше пред граѓаните. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тоа било доказ дека СДСМ се плаши од ВМРО-ДПМНЕ. А доказ за тоа било и тоа што тие како партија не биле информирани за промената на сатницата при полагањето на цвеќе на гробот на Никола Карев. Според Николоски тие морале во своја режија да полагаат цвеќе кај Карев, а не како дел од официјалната делегација, а на споменикот Слива не ни успеале да отидат.

 

За промената на сатницата не биле информирании ниту потомците на Карев, неговите правнуци, кои денеска беа револтирани од ваквиот однос на државата кон нив. Тие истакнаа дека нивниот прадедо бил чист Македонец, кој се борел за Македонија, исто како и другите востаници за Илинден. Побараа државата повторно да го разгледа нивното барање Карев да биде вратен во химната на Македонија.

 

Граѓаните на Мечкин Камен истакнаа дека се горди на денешниот ден бидејќи е најголемиот празник на Македонија. Инаку одбележувањето на Илинден во Крушево не завршува денес, тоа продолжува до 10 август со богата културна програма.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи