Наш соговорник е Горан Василески, претседател на Собранието на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“, кој што овој викенд, односно во петок и сабота ќе се одржи во Прилеп и Долнени.
Господине Василески добро утро и пред се честитки за 52 издание кое не очекува на фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“?
Вaсилески: Добро утро и нас вас и вашите гледачи.
Како што кажав, 52 издание на фестивалот, што не очекува, од каде ќе има гости, колкав ќе биде нивниот број?
Вaсилески: Точно, 52 издание, бројка со која што можеме ние и уште 2-3 фестивали низ Македонија да се пофалиме. Оваа година по 52 пат повторно на ова место, на камената бина во Прилеп и познатата Рудина во Долнени ќе се одржат првата и втората фестивалска вечер. Оваа година имаме околу 220 учесници, буквално од сите краеви низ Македонија, каде се вклучени сите традиционални инструменти со кои во минатото и денес е препознатлива Македонија. Имаме гостин од Канада, Македонец кој ги негува традиционалните македонски инструменти, исто така имаме учесници од сите националности кои што живеат во Македонија како Албанци, Турци, Власи. Заради временските услови кои ни следат викендот првата фестивалска вечер ќе биде во киното Мис Стон во склоп на ЦК „Марко Цепенков“, а во Долнени наместо на Рудина ќе биде во домот на поранешната општина во центарот на село Долнени.
Вaсилески: Пријавувањето и селекцијата траеја скоро 2 месеци пред почетокот на фестивалот, имаме буквално од сите краеви низ Македонија, а во селекционата комисија се професор доктор Родна Величкоска, доцент доктор Стојанче Костов. Навистина тешка беше одлуката, има доста пријавени, меѓутоа имајќи во предвид времетраењето на фестивалските вечери, да не биде тоа ни предолго, ни прекратко, сепак мораше на некои да им се откаже. Но сепак одбрани се оние најдобрите, најзаслужни, кои најмногу ја негуваат традиционалната музика. Навистина ќе има гледачите што да погледнат, буквално Македонија во маало, сите инструменти, сите традиционални песни секој од својот регион ќе ги претстави на овие 2 вечери.
По колку кандидати се пријавуваат за да се одберат 220?
Вaсилески: Секогаш бројката е околу 350-400, имајќи во предвид и групи, оркестри, поединци инструменталисти, вокални интерпретатори, значи секогаш гледаме да бидат скоро сите застапени, да има од секој регион застапено, но толку се можностите, толку е и во однос на времетраењето на фестивалксите вечери, финансиската состојба, техничките проблеми и слично.
Дали како минатите години, така и оваа година ќе имаме можност да видеме повеќе млади групи, оние кои што го пренесуваат македонскиот фолклор во иднина?
Вaсилески:Учесниците се од година во година се повеќе на онаа долна граница, веќе буквално од 7 до 77 години имаме, се повеќе млади, основци и средношколци, едуцирани на факултетите, навистина инструменталисти кои го сакаат македонскиот фолклор и го негуваат на различни фестивали, во културно уметнички друштва, па и на разни веселби и свечености.
Значи започнува тука во Прилеп, потоа продолжува во Долнени. Изминатите години имаше и семинар за народни песни и инструменти. Годинава дали ќе има нешто слично такво?
Вaсилески: Секоја година гледаме едукативниот дел да биде составен дел на фестивалот, оваа година ќе има едукативна работилница во спомен куќата на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени со ученици од основното училиште „Пецо Крстевски Даскалот“ од Долнени, на која ќе се разработуваат теми најпрво од историјатот на фестивалот, почетоците, етнографски карактеристики на прилепско поле и околните предели, традиционалните инструменти, децата ќе имаат можност да слушнат повеќе традиционални инструменти од овој регион, ќе обработуваме доста традиционални песни.И на крај во Долнени на втората фестивалска вечер на затворањето на фестивалот, пред доделувањето на наградите ќе биде токму овие ученици ќе имаат можност да ја испеат онаа позната „Отидов в село Долнени“, химна на фестивалот и на Долнени, со што ќе им се поделат сертификати. Практикуваме буквално секоја година да го имаме тој едукативен дел, бидејќи со тоа ги едуцираме, ги придобиваме помладите, учениците да го засакаат македонскиот фолклор, нешто повеќе да научат за традиционалните инструменти и да се вклучат во традиционалното пеење и слично.
И оваа година, како и секоја, нормално главната награда ќе биде гајдата на Пеце Атанасовски.
Вaсилески: Така, гајдата на Пеце Атанасовски која ја изработува мајсторот Љубен Јуртоски тука од Прилеп, а ја доделува Општина Долнени. Тука ни се и главната гран при статуетка која се доделува на најдобриот оркестар и уште 10 помали статуетки во облик на гајда кои ги изработува уметникот Емил Солески, ќе се доделат на значајни учесници, поединци, инструменталисти, вокални интерпретатори и слично.