ВИДЕО- Креирајте сигурна иднина со најбараните професии на пазарот кај нас – запознајте ги струките на СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп


Денеска се одржа Отворен ден за сите 9-то одделенци во СОУ „Орде Чопела“ за можностите и перспективите кои ги нуди ова средно училиште во Прилеп.

„Денес со посебно задоволство повторно ги отворивме вратите за деветтооделенците за да им го претставиме нашето училиште и да им покажеме што значи квалитетно средно стручно образование, образование кое ги подготвува младите за живот и работа. Целта на овој отворен ден не е само да се промовираме пред деветтооделенците од основните училишта во градот и пошироко, туку да им помогнеме во нивната одлука за избор на средно образование. Ние знаеме дека таа одлука не е лесна ниту за учениците, ниту за родителите, бидејќи средното образование претставува важна алка кон понатамошно школување, односно кон понатамошно конкурирање на пазарот на трудот. СОУ „Орде Чопела“ нуди современи лаборатории, хемиски лаборатории, лаборатории за анализа на храна, располага со реална училишна компанија од пекарски тип „Детелинка“, располага со ветеринарна амбуланта, стакленик, мини фарма и голем број на опремени училници и кабинети. Како училиште покрај редовната настава нудиме и дуални паралелки, што значи дека теоријата и праксата се тесно поврзани меѓу себе. Располагаме со високостручен наставен кадар и нудиме можности за стипендија на учениците во траење од 9 месеци по 3.500 денари секој месец.

Како средно стручно училиште нудиме можности за избор на голем број атрактивни сектори и квалификации кои се доста барани на пазарот на трудот и тоа: прехрамбен техничар, хемиско-лабораториски техничар, медициско-лабораториско санитарен техничар, техничар по ветеринарна медицина, агротехничар, техничар по фитомедицина, техничар за очна оптика, геодетски техничар, архитектноски техничар и пекар. Иако техничарот за очна оптика веќе неколку години е најбарана квалификација, во последните години навистина се барани и останатите сектори и квалификации, што по покажува бројот на запишани ученици во прва година во нашето училиште и се надеваме дека и оваа година ќе биде така. Очекуваме и уште подобро.

Значи денес не е само ден за претставување, денес е ден и за инспирација и денес е ден за вистински избор. Драги деветтооделенци, јас знам дека се наоѓате на еден крстопат кога треба да го одберете патот по кој ќе одите, ви посакувам многу успех во иднина и изберете паметно, изберете стручно, изберете го средното општинско училиште „Орде Чопела“, истакна Тереза Златеска, директорка на СОУ „Орде Чопела“.

 

„Ова ни е медиумскиот клуб „Чопела свет“, исто така и заедничката ученичка заедница „Чопела“, кои се активни иницијативи во СОУ „Орде Чопела“. Значи преку тимска работа, труд и креативност работиме и создаваме социјални содржини, каде го подобруваме и создаваме подобро училишно опкружение. Нашата мисија е јасна, да сме активни, гласни и да создаваме подобри содржини“, кажа Ивана Тодороска, координатор на медиумскиот клуб и професор по англиски јазик и книжевност.

 

„Учениците во овој профил имаат можност своите креативни идеи да ги изразуваат преку различни цртежи и софтвери. Исто така освен теоретска настава реализираат и практична настава во различни проектански бироа и архитектонски компании. Бидејќи станува збор за дефицитарен кадар, Министерството за образование и наука доделува стипендии во износ од 3.500 денари“, рече Анастасија Матракоска, професор во сектор градежништво и геодезија – архитектонски профил.

 

„Архитекурата ги спојува технологијата, креативноста и уметноста и ни дозволува креативно да се изразуваме преку технолошки цртежи и најразлични софтвери“, вели Анастасија јованоска, ученик во профилот архитектонски техничар.

 

„Живеењето во модерни и урбанизирани средини ја зголемува потребата за кадри кои се обучени да извршуваат работи од областа на геодезијата. Како идни геодетски техничари учениците имаат можност да се запознаат со најсовремените геодетски инструменти и софтвери. Нивната примена во теренски геодетски мерења и канцелариски работи од областа на геодезијата, да изработуваат теренски модели врз основа на кои ќе се изведува идниот градежен објект, да исцртуваат геодетски подлоги, планови и карти. Практичното образование во нашето училиште им овозможува на учениците да ги применат стекнатите теоретски знаења во реални ситуации, кои пак понатаму им овозможуваат да стекнат добри вештини и компетенции за нивниот професионален развој“, кажа Зорица Узуноска, професор по стручни предмети и геодетски предмети.

 

„Ние како идни геодетски техничари учиме да користиме геодетски инструменти за геодетски мерења од геодетски софтвери за изработка на планови. Практична настава извршуваме во сите геодетски компании во градот и во катастарот“, изјави Мила Гогеска, ученик во профилот геодетски техничар.

 

„Тука се наоѓате пред штандот на хемиско-лабораториски техничар, профил кој нуди многу можности за учениците кои имаат истражувачки дух, сакаат да истражуваат, да експериментираат. Она што го нуди овој профил е можноста за работа во лабораторија, пред се лаборатории каде се контролира квалитетот на производите, вклучително храна, хемиски производи, дури и животна средина која денеска баш дождот ни ја наруши малку“, вели Билјана Апостолоска, професор по хемија и стручни предмети.

 

„Се запишав овде затоа што сакам да истражувам и ми нуди пред се работа во понатамошниот живот. Исто така јас сакам да ја продолжам мојата работа во Прилепска пиварница, каде што правиме анализи и други испитувања, пример во пивото и сокот, во прехрамбените производи“, изјави Давид Аџиски, лабораториски трехничар.

 

„Анализирајќи ги условите и поставеноста на самиот штанд, можеме да кажеме дека располагаме со прекрасни услови, не само стручноста на наставниот кадар, туку и конкретно најновите набавки на модели за земање на венска крв, имаме тродимензионален микроскоп. Понатаму правиме анализи на крв, односно сите анализи поврзани од дијагностички аспект. За да продолжат учениците кои праксата ја спроведуваат во институциите, пример болницата во летниот период, праксата во приватни здравствени ординации, тоа значи дека покрај теоријата, имаме и поткованост и со праксата“, рече Наташа Николоска, професор по биолологија и стручни предмети.

 

„Овој профил е со 4 годишно образование, се изучуваат општите образовни предмети и стручните предмети. Изучуваме како да правиме анализи на различни продукти, учиме како да земаме венска и капиларна крв, ги изучуваме инструментите и апаратите со кои што ќе работиме во иднина. Во нашето училиште има и лабораториска практика во која ние како ученици работиме и учиме, ги учиме сите анализи на испитувања на различни продукти. Има и феријална пракса која е задолжителна со завршувањето на втора и четврта година, а се одржува во летниот период, во рок од 20 дена со 100 работни часови. Јас го одбрав ова училиште бидејќис стварно ме интересира оваа работа за лабораториско испитување на крвта и се останато“, потеницираше Лука Наумоски, медицински санитарен лабораториски техничар.

 

„Во нашава струка го имаме профилот прехрамбен техничар, кој е со 4 годишно образование и профилот пекар со 3 годишно образование, меѓутоа после 3 годишното образование е со можност за доквалификација и стекнување на 4 годишно образование.прехрамбениот техничар е дуална паралелка, тоа значи дека имаме зголемен фонд на часови по практична настава, кои отпочнуваат од 2, 3 и 4 година, а преку летниот период со реализирање на часови по феријална пракса. Учениците кои ќе се запишат во дуалната паралелка се стекнуваат со право за добивање на стипендија во текот на нивното 4 годишно образование. Се стекнуваат со теоретски знаења од оваа струка како прехрамбените технологии и другите сродни стручни предмети, стекнатите нивни теоретски знаења понатаму ги применуваат во пракса. Секако дека за време на часовите по практична настава се стекнуваат со вештини кои понатаму можат да си ги имплементираат, односно да започнат сопствен бизнис, а да бидат и конкурентни на пазарот на труд, бидејќи оваа струка знаеме дека во денешно време е доста барана на пазарот“, вели Каролина Боцеска, наставник по стручни предмети во хемиско технолошката струка.

 

„Во текот на летото одиме на феријална праска која ја обезбедуваме во компаниите со кои имаме склучено договор со училиштето. Од трета и четврта година имаме пракса во нашата реална училишна компанија, која ја изведуваме таму и повеќе е пракса од теорија“, посочи Петранка Бошева, прехрамбен техничар.

 

„Се работи за струка која е поврзана со медицината, каде што се бараат минимум 60 поени и каде има 4 годишно образование. Ова е струка каде учениците се добро обучени за понатамошното образование да го започнат на медицинските факултети и факултетите за оптометрија, со обемен број на часови на практична настава кои ги извршуваме во нашата современа лабораторија во училиштето, но и во оптиките во нашиот град, каде учениците се под надзор на стручен тим на соработници. По завршувањето на образованието можат да отворат сопствен бизнис, или да останат во оптиките доколку се покажале како добри ученици“, кажа Ангела Секулоска, професор по струлни предмети во профил техничар за очна оптика.

 

„Како што кажа професорката, се работи за 4 годишно образование, дел од часовите се одржуваат во нашите добро спремни лаборатории, каде ние учениците со помош на стручноста на нашите професори изработуваме очила. По завршувањето на образованието можеме да се вработиме како техничари оптичари“, додаде Јована Богданоска, техничар за очна оптика

„Јас лично би се запишала на медицина бидејќи имам добра основа од учењето и практичната работа во училиштето“, рече Игор Галоски, професор по стручни ветеринарни предмети.

 

„Ние овде се наоѓаме на штандот за техничар по ветеринарна медицина, тоа е 4 годишно образование, една благородна професија каде нашите ученици имаат можност да научат како се прегледуваат животни, како да даваат соодветна терапија, како да асоцираат при различни хируршки интервенции. Особено за време на практичната настава имаме можност, не само во нашето училиште каде имаме ветеринарна амбуланта, учениците да прегледуваат животни. А преку праксата, соработувајќи со ветеринарните клиники во градот, под надзор на доктор ветеринар имаат можност да ги применуваат сите тие техники на прегледи на животни, користење на соодветна хируршка опрема и се што е поврзано грижејќи се за здравјето на животните.

 

„Ние практичната настава ја извршуваме во нашата ветеринарна амбуланта во училиштето и во ветеринарните клиники низ градот. Назад имаме и мини фарма. Да напоменам едно убаво практично искуство, бевме во Грција, во Катерини, во современа ветеринарна амбуланта каде видовме на каков начин тие работат со животните и нивната современа технологија. Јас сакав тука да се запишам најпрво поради љубовта кон животните од мала возраст и грижата за нивното здравје и благосостојба. Сакам да продолжам на факулетет и понатаму на други доквалификации и обуки“, вели Анамарија Блажеска, техничар по ветеринарна медицина.

 

„Тука се запишав од љубов кон животните, а препорачувам сите што ги сакаат животните да дојдат и да се запишат на оваа струка“, кажа Ева Трајкоска, техничар по ветеринарна медицина.

 

„Ние од ова училиште од секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство ќе ги претставиме следните струки: техничар за фитомедицина и агротехничар. Техничар за фитомедицина ги учи начинот за заштита при примена на хемиски препарати и пестициди, како се врши правилна заштита, а притоа да не ја загадиме животната средина. Потребни се 45 бода. Двете се дуални паралелки каде Министерството за земјоделие ни одобрува средства од 3.500 денари во траење од 9 месеци. Агротехничар е единствената гранка која произведува храна, ги изучуваме сите земјоделски предмети, додека фитомедицината заштитата на растенијата. Дуалните паралелки практината настаава ја извршуваат во Тутунскиот комбинат, во Институтот за тутун, некои од земјоделските аптеки, а учествуваме и во голем број на проекти, Еразмус проекти, саеми и друго. Оваа година нашите ученици агротехничари беа во Грција, каде што беа 2 недели и ги учеа нивните искуства, беа во насади со маслинки и киви. Ветеринарните беа во ветеринарна амбуланта“, изјави вели Анкица Илиеска, професор по стручни предмети.

 

„Овде ги изучуваме работите за земјоделството, се запознаваме подобро, а праксата ја одржуваме Тутунскиот комбинат и земјоделски аптеки. Годинава бевме во Грција на пракса каде поминавме 14 дена, бевме на плантажите за киви и маслинки“, рече Сара Илиоска, агротехничар.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи