ВИДЕО- 10 претстави во официјална конкуренција на 60-от МТФ Војдан Чернодрински, годинава четворица добитници на наградата за животно дело


Десет претстави во официјалната конкуренција и уште четири во придружната програма, тркалезни маси, автор во фокусот, работилници, театар за деца, како и изложби ќе понуди јубилејниот 60-ти македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 5 до 12 јуни во Прилеп под мотото „Храбриот нов театар“. Годинашни добитници на наградата за животно дело се театарските уметници: Атила Клинче, Сашо Миленковски, Љубомир Чадиковски и Веби Керими. Уметничкиот директор Ана Стојаноска вели дека во македонскиот театар недостасуваат повеќе претстави на современи македонски автори.

Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број на режисерски имиња, квази комедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја претставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст“, истакна Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ Војдан Чернодрински.

Фестивалот ќе го отвори „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, на Драмски театар од Скопје. Стојаноска потенцираше дека театарот треба да биде критичар на општествените текови.

За мене современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност“, додаде Стојаноска.

Од годинава наградата за најдобра машка улога ќе го носи името на актерот Кирил Ристоски. Фестивалот продолжува со тематиката „Прилеп во фокус“, а овој пат во фокус се тројца прилепски театарски уметници: Благоја Ивчески, Лидија и Трајче Иваноски. А годинашен автор во Фокусот е Дејан Дуковски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира