Заштеда и до 50% во транспортните трошоци очекуваат дел од поголемите прилепски компании доколку во Прилеп и Пелагонија повторно стартува железничкиот карго сообраќај кој веќе наголемо се најавува и разгледува од страна на Владата. Најголем проблем во моментов за компаниите се ценовните шокови и постојани варијации на нафтата и другите реагенси и деривати.
„Цената на транспортот се зголемува секојдневно, така да овој состанок беше добредојден да ги донесеме мерките кои треба да се преземат, да се ревитализира железницата затоа што во овие новонастанати услови мислиме дека железницата е права алтернатива на патничкиот транспорт и мислиме дека слободно може да ги замени и да ги намали трошоците со кои секојдневно се среќаваме ние компаниите кои работиме со увоз и извоз на стоки и добра“, изјави Сашо Самарџисоки, потпретседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Од Регионалната стопанска комора на Прилеп велат дека индустриските железнички кракови во Прилеп би можело да се ревитализираат за неколку месеци и без многу чекање да започне карго превозот на стоките, а не да се чека од 6 до 12 месеци како што најави од Министертсвото за транспорт.
„За да се ревитализира кракот према индустриската зона од Прилеп мислиме дека може многу порано тоа да се заврши и тоа и го очекуваме, затоа што ако чекаме 6 месеци или една година тоа е веќе изгубено драгоцено време, посебно во овие несигурни времиња кога секојдневно имаме различни случувања. Очекувам дека во 2 месеци може да се заврши целата работа“, додаде Самарџиоски.
МЖ Транспорт се осовременува со нови локомотиви и вагони и сега ќе може да ги извршува овие услуги кои долго време беа стопирани поради немањето токму на овие средства.
„Целосно да ја заживееме железницата, тоа ќе помогне и за екологијата, да се намали камионскиот сообраќај, но исто така ќе помогне и да се заштитат големите инфраструктурни проекти кои ги градиме. Знаете дека се изгради експресен пат Градско-Дреново-Фариш, ќе работиме во следниот период на потегод Фариш-Прилеп, се работи и автопатот од Прилеп до Битола, но поентата е нив да ги зачуваме, а не да ги уништуваме. Робата која што најмногу оптеретува, дали од мермерните комбинати, дали од големите производствени капацитети во градот да се носи со воз“, истакна Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Железничкиот карго, но и патнички сообраќај се едни од главните начини за превоз на стока и патници насекаде во светот. Доколку се реализираат овие најави и Македонија ќе се вклучи полека во овие трендови.