Повисоки плати и минималец или штрајк и протести – ССМ ги повтори и ги испорача барањата и условите на денешниот протест или како што најавија јавна седница на раководството на Синдикатот која се одржа пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Минимална плата од 500 евра и сите избрани функционери, над 1.000 на број заедно со раководството на ССМ на минималец во наредните 12 месеци и зголемување на платата на сите вработени во Македонија за 100 евра, а државата да субвенционира дел од придонесите во период од 1 година, беше главното барање на ССМ.
„Почитувани браќа и сестри ве молам да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување на минималната плата“, се обрати Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Синдикалците сметаат дека потпишувањето на одлуката за усогласување на минималната плата е незаконско, без согласност од Економско социјалниот совет, но и без промена на Законот и смена на одредбата во која стои дека нејзе ја потпишува Министерот за труд и социјална политика, нешто што веќе не постои во реалноста.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вели пак дека потпишувањето е законски, а смета и дека секој има право да протестира.
„Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира, да го искаже својот револт. Јас ќе кажам пак дека на синдикатите им истече мандатот и веќе не се репрезентативни… Одма кога ќе се определи кој синдикат ќе биде репрезентативен јас одма ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет и синдикатите таму треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши.
Од ССМ порачаа дека владата мора да ги почитува во потполност колективните договори и побараа владеачката ВМРО-ДПМНЕ да запре со притисоците врз членството и раководството.