ВИДЕО- Ресторан Горна Куќа сега и со соби за престој, луксузно опремени, а дел од нив и со џакузи

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Повторно се наоѓаме во демирхисарскиот рај, односно ресторанот Горна Куќа кој се наоѓа над демирхисарското село Слепче, на само 100 метри од манастирот Свети Јован Претеча. Денешната приказна која што ќе ви ја претставиме, за разлика од минатата година е проширена и надградена со соби за престој, нешто што го најавивме тогаш, а денес еве по една година истото и се реализира. Односно, ако досега можевте да уживате во овој прекрасен амбиент и превкусните специјалитети само еден ден, сега тоа може да го правите колку што сакате со престој во овие соби. За тоа што е ново во ресторанот Горна Куќа ќе ни раскаже туристичкиот водич Антонио Павловски, а за каков рај станува збор само може да го слушнете овој звук на жуборење и сами ќе се уверите во тоа.

Ова се тие нови простории каде може да отседнете колку што сакате денови, уживајќи во демирхисарскиот рај. Ајде да погледнеме како изгледаат тие.

Павловски: Добредојдовте во апартманите Горна Куќа.

Добро ве најдовме Антонио. Како што најавив ова е таа нова приказна на ресторанот Горна Куќа која започнува токму од овој период оваа година.

Павловски: Токму така, ова е едно дополнување што претходно значеше ресторан Горна Куќа. Најпрво би било добро да споменам што значи за нас, а посебно во колективната меморија на жителите од овој крај Горна Куќа. Горна Куќа е всушност првото село Слепче кое било основано од ослепените самуилови војници после битката на Беласица и токму тука се наоѓало на ова место, затоа и топонимот Горна Куќа го носи ресторанот, а сега веќе и апартманите. Токму затоа  ние го зедовме тој топоним и го надградивме со ова дополнување покрај ресторанот и сакаме да значи не само место каде ќе преспие човек, туку место на спокој, место на мир и место за твоја лична регенерација и надградување.

Она што е интересно за овие апартмани, е тоа дека секој апартман носи има на населено место од овој крај што сега не постои, нешто што му дава навистина уникатност на целиот овој простор.

Павловски: Токму така, ние не сакавме да биде онаа вообичаена нумерација на апартманите од 1 до 8, туку сакаме да имаме некој посебен наш роднокраен печат. Што да одбереме беше прашањето и решивме да ги именуваме по исчезнатите села кои за жал веќе не постојат во нашиот Демир хисар.

Тоа се 8 села?

Павловски: Има повеќе, но одбравме дел кои ги носат имињата на овие апартмани, така на пример го имаме Чагор, имаме Лутојца, имаме Тимирци, Добромирово кој е нашиот луксузен апартман со џакузи, Лесково кое е најскоро исчезнато село, иселено село итн.

Можеби тоа жално звучи кога ќе се спомене дека едно село исчезнало и дека нема повеќе жители, но сепак еве на овој начин тоа останува во меморијата на идните генерации и да се надеваме дека еден ден повторно со сите овие инвестиции што се прават, како Горна Куќа, можеби народот ќе се врати повторно во овој крај и ќе живее. Ајде да погледнеме една од собите, како изгледаат апартманите.

Павловски: Повелете во нашиот делукс апартман со џакузи, кој има посебен поглед. Џакузи, кингсајз спална за двајца, плус дополнителен кревет ако има потреба за дополнителни гости. Имаме околу 30тина легла во нашите 8 апартмани. Ноќевањето е со доручек, специјално изготвивме посебно мени кое ќе биде со традиционална храна и кое ќе биде на избор на гостите. Она што сакавме да го направиме во текот на опремувањето на овие апартмани, сакавме да не бидат обични апартмани како секој еден би рекол во регионот и токму затоа во секој апартман ставивме уметнички дела. Во секој апартман и во ходниците може да забележите има слики од нашиот локален слепченски уметник Љубен Неделкоски – Бобек.

Тоа се со мотиви од овој крај?

Павловски: Дел се апстракции, во ходникот се мотиви баш од Горна Куќа.

Она што може да се забележи е наспроти креветот имаме еден прекрасен поглед на целиот овој крај, како што може да забележи камерата.

Павловски: Овој апартман нуди будење со поглед на зелените падини на Илиница, која е огранок на Бигла и затоа и тука решивме да биде и џакузито, затоа што кога сте во џакузи може да уживате во фантастичниот зелен поглед.

Да, овој поглед навистина не се доплаќа со пари. Да покажеме дека тука е џакузиот, а исто така дека може да уживате во еден прекрасен поглед на планината.

Павловски: Осум апартмани, сите се опремени со мини бар, со комплетни потреби за еден посетител и она што можам да го кажам како туристички водич, ова се досега најлуксузните и најдобро опремени апартмани во демирхисарскиот регион и се радуваме што тоа е така и се надевам дека тоа ќе повлече и ќе значи дополнително зајакнување на нашава туристичка понуда и ставање на Демир Хисар и воопшто на нашиот пелагониски регион многу повеќе на туристичката мапа.

Како што може да се забележи, собите се исто така со тераси каде има маса и навистина може да се ужива во еколошки недопрената природа во овој крај, чистиот воздух и целата оваа убавина. А овој прозорец, исто така додека сте во оваа соба може да го отворите и ова што може да се погледне го нема на многу места.

Павловски:  И овој апартман како делукс апартманот го нуди тој поглед на планината, будење со природата. Можеме да ги слушнеме и птиците, инсектите.

Ова е оној звук на природата кој го нема во урбаните градски средини и како што кажа не се докупува со пари целата оваа убавина.

Павловски: Токму така, затоа го обравме ова место и сакаме да направиме малку подруга приказна во туризмот тука во демирхисарскиот регион. Место кое ќе значи спокој, мир и душевно воздигнување и регенерирање.

Спомнавте дека има 8 апартмани, дали сите се за двајца или може да дојдат и семејства со деца тука, друштво да се собери?

Павловски: Може за фамилијарен викенд, семејства, друштво, дел од апартманите се двокреветни, трикреветни, имаме и петкреветни апартмани, капацитетот е 30 гости.

Освен со доручек, дали има и полн пансион да се земе опција?

Павловски: Ја има таа можност, ресторанот работи до доцните вечерни часови, ала карт мени.

Ова е оној прекрасен амбиент за кој претходно зборувавме, една чиста, еколошки недопрена природа која ја поседува демирхисарскиот крај, а се наоѓа токму и во дворот на ресторанот Горна Куќа. Тука околу нас имаме и голем број на летниковци, што е интересно, исто како собите горе секој од овие летниковци си има свое посебно име според оној што го градел. На пример ова место се вика Сред Село.

Павловски: Сред Село, по нашето слепченско средсело. Тоа е Јасички дол, односно долот кој е во подножјето на ресторанот, Зајо –  еден од култните ликови на Демир Хисар, Ангел – оној кој го започнал Горна Куќа итн. Повторно и тука сакавме да ја предложиме онаа меморија и да ја негуваме меморијата на значајните наши места и личности.

Она што би сакал да потенцирам е дека овој ресторан и овие соби за сместување на гостите нудат и други услуги, односно комплетно исполнување на времето во текот на 24 часа за еден посетител. Освен тоа што може да уживаат во прекрасната атмосфера и превкусните специјалитети, тие може да прошетаат на многу места и да видат историски споменици, цркви, манастири и музеи кои ги има во овој крај.

Павловски: Овој крај изобилува со природни и културни локалитети кои навистина заслужуваат да се посетат. Еве во наша непосредна близина е познатиот слепченски манастир Свети Јован Претеча, кој и во минатото и денес е книжевен и уметнички центар на Охридската архиепископија.

Манастир кој е постар од 1.000 години.

Павловски: Така, повеќе од 1.000 години, точно така. Исто во непосредна близина е меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево, изворите на Црна Река во Железнец, најголемата приватна библиотека Алби во Бабино, Арт поинт гумно во Слоештица која што е уметничката резиденција на Сергеј Андреевски. Навистина крајов изобилува со места кои не само викенд, туку една недела би било малку за посетителот да може се да види.

Освен тоа, нудите и еден активен туризам, сите оние посетители кои ќе дојдат тука може да изнајмат велосипеди со кои ќе ја запознаат природата на еден поинаков начин.

Павловски: Демир Хисар е многу погоден за велосипедизам, рекреативен велосипедизам и од тие причини ние ги ставивме во функција неколку велосипеди кои се достапни за изнајмување на посетителите. Исто така нудиме опција на неколку претходно смислени тури, кои ќе можат да ги посетат и да имаат и активен туризам посетителите, но и да имаат и едно комплетно доживување на Демир Хисар.

Полека стасавме до вториот нов елемент во Горна Куќа, а тоа е оваа платформа за различни прослави.

Павловски: Во овој момент е уредена за свадба, за венчавка, да, додека долниот дел е уреден за детски роденден, така што нудиме и организирање на семејни прослави како родендени, венчавки итн. посебен е амбиентот тука.

Навистина е прекрасен амбиентот судбоносното ваше ДА да го кажете на ова место во една ваква препрасна природа и како што може да се забележи целата оваа убавина. А долу веднаш под нас се наоѓа и оној дел, наменет за најмладите, а тоа е едно детско игралиште каде имаме и замоци, топки, балони и различни детски реквизите кои дечињата можат да ги искористат.

Павловски: Тоа е простор за детски родендени и работилници со деца, кој го нудиме како дел од нашата понуда.

Колкав е капацитетот на ресторанот Горна Куќа за организирање на овие прослави од различен тип?

Павловски: Горна Куќа располага со значителен капацитет на прием на гости, во внатрешниот дел можат да се сместат околу 200 лица и уште 150 во нашиот двор, така што 350 гости може прими секојдневно.

Ова е исто така уште еден интересен детал во Горна Куќа, каде пишува „Ако Игор не е тука седни си, а ако Игор е тука пак седни си“. Станува збор за нашиот шоумен Игор Џамбазов кој често доаѓаше тука во минатото.

Павловски: Често доаѓаше и се уште доаѓа од време на време, а зошто е одбрано тоа место, затоа што Игор баш во тој дел од ресторанот седеше и ден денес кога ќе го видите тука, како што вика пораката, слободно може да седнете до него.

Игор не е, а ние ќе го послушаме, ќе си седнеме во оној дел каде ќе имаме еден прекрасен поглед. И еве го тој прекрасен поглед за кој зборуваме.

Павловски: Погледот од милион долари.

Да, токму така. Еве го стигна и кафенцето, доказ за тоа колку е брза и добра услугата во Горна Куќа каде нема чекање, за разлика од други ресторани и каде вашата нарачка ја добивате брзо.

Павловски: Токму така, јас она што често сакам да го кажувам е дека оној кој еднаш дошол во Горна Куќа сигурно ќе се врати повторно, а оној кој што не дошол сигурно кога ќе дојде ќе остане, така што добредојдени се сите да го почувствуваат овој прекрасен поглед и овој амбиент кој го нудиме тука.

Овој амбиент кој се нуди тука навистина ретко каде го има.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци