На иницијатива на општествено одговорната компанија од Прилеп „Авто Контрол” а во соработка со ОВР-Прилеп и компанијата „Витаминка”, вчера во основните училишта во Прилеп започна едукативната кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Целта на низата превентивни активности е децата уште од најрана возраст да се стекнат со знаења за основните сообраќајни правила и прописи, особено во делот на пешаците и велосипедите, при што се очекува преку почитување на законите, да се зголеми нивото на безбедност во сообраќајот и нивото на сообраќајна култура.
„Ние како општествено одговорна компанија се одлучивме за ваква едукативна акција бидејќи животот на нашите деца се највисока општествена одговорност и врвен приоритет на секој поединец. Истовремено сакаме да апелираме до сите учесници во сообраќајот за почитување на сообраќајните правила и прописи, бидејќи од нашите постапки зависи и однесувањето на нашите деца. Ние сме идоли на нашите деца, затоа секогаш во сообраќајот треба да се однесуваме одговорно, со почитување на сообраќајните правила и прописи”, вели Даниела Перканоска – менаџер на компанијата “Автоконтрол”.
Од оваа компанија обезбедија и и сообраќајни прирачници за просветните работници, со цел и понатаму да се збогатува нивното знаење и сообраќајна култура. „Автоконтрол“ продолжува да биде пример за општетствено одговорна компанија која се грижи за граѓаните од кои и ја добива гоемата доверба.
Со ваквите превентивни активности што ќе продолжат во наредните денови, со едукативни предавања ќе бидат опфатени, покрај основците во Прилиеп и ученици во основните училишта на подрачјата на Долнени и на Кривогаштани.