Во Прилеп на 31.03. промоција на книгата „Не правете го тоа во мојот автомобил“, на авторот Емил Крстески


На 31 март, 2026 ( вторник) точно на пладне, во 12:00 часот во Градската библиотеката Борка Талески во Прилеп ќе се одржи промоција на делото: „Не правете го тоа во мојот автомобил“, чиј автор е Емил Крстески, наш познат новинар, политиколог, прозаист и сликар, доктор на политички науки.

Крстески досега има објавено шест дела на тема: меѓународни односи и надворешна политика и две збирки: „Три дена во Париз“, (преведена и на српски јазик), и „Флик ен флак“. Има реализирано и три самостојни изложби, а учествувал на две групни изложби со своите дела.

Книгата „Не правете тоа во мојот автомобил“ е збирка на одбрани раскази, за кои писателката и книжевен критичар Оливера Ќорвезироска во поговорот со наслов „Зошто пишуваме вакви раскази“ (реторичко прашање) меѓу другото ќе рече: „Да беа текстил текстовите – ќе беа функционални кежуал-парчиња од природни материјали со симпатични хипи и бохо-детали, со добро порабена и подвиткана екстраваганција. Да беа храна – ќе беа мала гастрономска авантура; да беа слики – ќе беа апстракции со силен колорит и препознатлива фигуративност.

Емил Крстески не е почетник, но не само затоа што ова не е негова прва книга. Тој е од оној тип раскажувачи кои своето книжевно писмо го создаваат од својот живот. Ова и е, и не е општо место, затоа што не постои книжевност без автобиографија и сите, видливо или невидливо, свесно или несвесно, работиме со своите животи, со својата меморија. Сите имаме тапија да пишуваме за себе, за својата биографија или псевдобиографија; тоа не е привилегија само на големите писатели и на канонската литература…“

Промотор на збирката раскази ќе биде проф. д-р Александар Прокопиев.

Авторот Крстески кој е роден и дел од својата младост ја помина во Прилеп, се надеваме дека доволно ве заинтригиравте да бидете дел од овој културен настан! Да се дружиме и уживаме заедно со убавината, тајните и магијата на зборот и реченицата на нашиот сограѓанин Емил Крстески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира