Зголемениот број хоспитализации и амбулантски прегледи го алармираше раководството на тетовската Клиничка болница. Се работи на интензивна реорганизација со цел соодветно згрижување на сите. Од пред два дена пациенти се сместуваат и во болницата во с. Лешок, бидејќи капацитетите во модуларната болница, на инфективното и интерното одделение брзо се полнат.
На болничко лекување се 80 пациенти, а за жал во изминатите 24 часа има и 5 починати лица. Според надлежните во тетовската болница, такви бројки немале ниту во ноември лани, ниту во март/април годинава.
Од Министерството за здравство информираат дека доколку е потребно пациенти ќе бидат сместувани и во други болници во близина или во Скопје.
Министерството за здравство најави дека се размислува и за воведување дополнителни локални мерки за заштита од Ковид за што ќе се разговара денес.