За неполн месец, од 26 јуни до денес вкупно 106 пожари избувнале на територија на Македонија, информираше на прес-конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Од 26 јуни до денес на територија на нашата држава избувнаа 106 шумски пожари од кои најлошиот беше во Берово и Пехчево. Изгореа објекти, стари куќи и придружни објекти и еден покрив на куќи во Кочани. Владата ќе ги обесштети граѓаните, а се прави проценка и се утврдуваат штетите на останатите“, рече Ангелов.
МВР откри повеќе случаи на намерно запалени пожари, а зголеменото присуство на полицајци придонесе да се намалат пожарите. Според Ангелов потврдено е дека 3 пожари во Кочани се подметнати.
„Од страна на општините формирани се комисии кои ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обештетени. Штетите се навистина мали имајќи го предвид обемот на пожарите. Благодарение на активната кампања на ЦУК и со огромна поддршка на медиумите свесноста на граѓаните е на значително повисоко ниво. Со овие активности беше подигната забрана за движење во шуми која помогна. Ја разгледуваме и ќе побараме да биде тргната или ублажена доколку состојбата биде стабилна. Голема поддршка даде и МВР“, истакна Ангелов.