Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка – од Левица бараат ревидирање на предметите

Facebook
Twitter
Email
Print

Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.

„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.

Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.

Оставката следува по скандалот кој што го обелодени партијата Левица, а во кој се поврзани членови на нејзиното потесно семејство и истата ја оценуваат за директна победа на вистината на јавниот притисок и истрајноста на партијата.

„Откако јавно ги разобличивме фактите за непријавените интереси, за фирмите на нејзините синови кои добивале милионски средства од партиските каси и за системското прикривање во рамки на ДКСК – режимот повеќе немаше простор за маневрирање. Сите обиди за маневрирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, се вели во соопштението од партијата.

Во таа насока, Левица бара по оставката на Ристовска во ДКСК да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, каде што, како што велат, Комисијата утврди дека нема ништо спорно во неговото назначување и факултетската диплома од Универзитетот каде што токму таа била професорка.

Покрај тоа, партијата бара и ревидирање и на предметите, како што додаваат, со незаконски именуваниот началник на Генералштаб генерал-мајор Сашко Лафчиски, но и тој за поврзаноста на компанијата „Сити аутсорсинг“ со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, и добивањето 161 јавна набавка.

„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ без исклучок. Секој функционер што мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, велат од Левица.

Од партијата ги охрабруваат сите вработени во институциите и граѓани што располагаат со информации за корупција, злоупотреби и клиентиелизам, да продолжат да им ги доставуваат со цел вистината да излезе пред јавноста.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми