Регулаторната комисија за енергетика на јавна трибина ги презентираше заклучоците од анализите на предложената реформа на тарифниот систем за електрична енергија за скалесто тарифирање, односно за домаќинствата ќе има различни цени, или различна тарифа зависно од потрошувачката на енергија.
„Потрошувачите ќе бидат поделени во четири блокови, во првиот блок се потрошувачи кои трошат до 210 киловатчасови енергија, во втор блок се потрошувачи кои трошат до 420 киловатчасови, потоа во трет блок од 420 до 630 киловатчасови, додека во четвртата категорија се најголемите потрошувачи кои трошат над 630 киловатчасови енергија. Дополнително со новиот тарифен модел ќе се читаат броилата на 35 дена, за да нема сомнеж дека на некој му бил наплатен поголема сума ако пресметките влезат во следниот месец“, објасни претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски.
Регулаторот уверува дека ќе се обезбеди фер пристап, односно оние коишто трошат повеќе ќе плаќаат повисока цена.
„Кај 87 проценти од домаќинствата во зимските месеци ќе имаат намалени трошоци, но кај останатите, кои се големи потрошувачи ќе има зголемување на сметките. Во исто време, во летниот период се очекува кај 92 отсто од потрошувачите да има намалена потрошувачка и намалени сметки, додека пак кај останатите зголемена сума“, дополни Бислимоски.
Со овие измени во тарифниот модел се исполнуваат и нашите обврски од членството во европската енергетска заедница и целите на третиот енергетски пакет. Секој потрошувач сега ќе знае колку е набавната цена на енергијата и колку е мрежарината.