По повод големиот национален празник 11 Октомври по 15 пат во Прилеп се одржа меѓународниот џудо турнир „Прилеп град херој“ 2025 – Цевитана куп во организација на џудо клубот Сеишин од овој град. На турнирот учествуваа над 300 натпреварувачи од 31 клуб од 10 држави. За прв пат оваа година учествуваат и 3 нови држави: Англија, Словачка и Турција која учествуваше со 50 натпреварувачи.

„Нашиот турнир од година во година станува препознатлив и интересен за спортските работници од џудо спортот како од околината, не само од Балканот, туку и ширум од Европа и светот, што го докажува присуството на олку голем број држави. Нашиот клуб ги презеде сите активности и мерки кои се потребни за организација на еден ваков голем настан, почнувајќи од матичните комисии преку Федерацијата, судиската, натпреварувачката, лекарската комисија се повикани сите преку ангажман на Џудо Федерацијата, сето е во согласност со правилата и прописите и дополнително организациониот тим од џудо клубот Сеишин е секогаш тука на висина на задачата“, рече Дејан Мицкоски, џудо клуб „Сеишин“ Прилеп.
Гостите кои доаѓаат тука редовно за овој турнир, како и оние кои беа тука за прв пат велат дека организаицјата е се подобра и подобра на турнирот. Дел од нив порачаа дека џудото е во подем на Балканот и дека по примерот на европските држави тоа треба да се воведе и во училишните активости.
„За разлика од земјите од Западна Европа каде тоа е влезено во училишниот спорт, кај нас во Србија дури минатата година започна да се реализира по школите. УНИЦЕФ го прогласи џудото како најдобар спорт за децата, од малите деца па се до старите, џудото е за сите возрасти и најважно за развој на мускулатурата кај детето. Така да сметам дека џудото е еден од битните сегменти за развој на децата, мислам дека треба да биде во сите школи, особено во градинките. Џудото покрај тоа што е олимписка дисциплини, покрај тоа што ја развива целосно мускулатурата на телото, за детето е особено битно да има развиени мускули и зглобови, а во џудото сето тоа го има“, кажа Драган Лазаревиќ, џудо клуб од Велико Градиште, Србија.
„Ова натпреварување е многу добро поради големиот број на земји, не само Македонија, ја имате Турција, Грција, Србија. Ова е одлично иксуство за него кој е 11 години стар, кој беше трет во британскиот шампионат, но сепак му е потребно искуство и овој натпревар е одлична можност за тоа во неговата старосна група. Лично би дишол и наредната година, затоа што како што кажав е одлично искуство за децата на негова возраст, како и постари, но и помлади“, вели Иан Смајт, учесник на турнирот од Велика Британија.
„Јас се заблагодарувам за гостопримството овде, гледам дека е одлична организацијата и посакувам ова да продолжи и во иднина. Посакувам успех на сите натпреварувачи и на клубот кој го организира овој турнир“, рече Есад Селими, учесник на турнирот од Гнилање, Косово.
„Пријатно ми е кога сум овде, како гостин на овој турнир, организациски сѐ е одлично. Ние учествуваме во женска конкуренција и им посакувам успех на сите. За прв пат идеме на овој турнир, а нив ги гледаме на турнирите низ Бугарија“, додаде Александра Ѓорѓиева, учесник на турнирот од Ќустендил, Бугарија.
„Турнирот е одличен за малите деца, веќе 4 години доаѓаме тука во Прилеп. Клубот е одличен, соработката е одлична и следната година ќе дојдеме повторно“, истакна Александрос Думас, учесник на турнирот од Солун, Грција.
И учесниците од Македонија потенцираа дека меѓународниот џудо турнир „Прилеп град херој“ 2025 – Цевитана куп станува вистински џудо бренд за Македонија.
„Овој натпревар од година во година прераснува во сѐ подобар, сѐ помасовен и сѐ поквалитетен натпревар. Џудо клубот Сеишин од Прилеп се наши добри пријатели, редовно го посетуваме овој турнир секоја година и уживаме тука, навистина ни е супер. Од аспект на развојот на џудото во Македонија џудото е во огромен подем, организиравме 4 многу големи настани, Европско кадетско првенство, Европски куп за сениори, Европски куп за јуниори и Младинската олимпијада, така да ни претстои светла иднина за џудото во Македонија“, изјави Ѓорѓија Стојанов, џудо клуб „Дрим“ од Струга.
„Да се заблагодарам на организаторите што го продолжија континуитетот традиционално да се одржува овој турнир. Со самото присуство на земји покажува дека турнирот прераснува во голем настан. Жално што Прилеп дозволи да нема овие години сала за вакви врвни манифестации“, вели Славе Димитриоски, џудо клуб „Пролетер“ од Прилеп.
Турнирот е наменет за возрасните категории деца, помлади пионери и пионерки во машка и женска конкуренција кои се натпреваруваа во околу 40 тежински категории.