Валентина Конеска е среќниот пронаоѓач на паричката за Василица оваа година во Прилеп. Таа истакна дека од настанот „На Василица во Прилеп“ кој што се случуваше на платото пред Градскиот Саат зела два буреци и заминала дома да ги јади заедно со својот сопруг. Едниот лесно го пресекла лесно, а во другиот се наоѓала паричката.
„Така излегов да прошетам до чаршија, плаќав сметки и застанав во центарот на градот. Ме послужија со топол чај и дојде време да се делат буречињата, зедов бурече, и дојдов дома да го сечам за сопругот и гледам се падна паричката. Многу здравје и среќа на сите да им даде Господ па и на нас. Го отворив бурекот прво во табле на фолија и започнав да го сечам и да стоплам за сопругот. Сечам првото парче убаво, второто не можам, сечам не се сечи, и гледам излезе паричката. Се изненадив премногу, не очекував, никогаш ми се нема паднато паричката и дома кога правиме мене не ми се паѓа“, изјави Валентина Конеска, среќниот пронаоѓач на паричката за Василица во Прилеп.
Инаку четврта година по ред во Прилеп за празникот посветен на Свети Василиј или кај народот познат уште и како Православна Нова година или Василица на платото кај Градскиот саат се одржа настанот „На Василица во Прилеп“, каде Општина Прилеп и неколку општествено одговорни пекари од градот на прилепчани им поделија над 600 парчиња бурек, а во еден од нив според традицијата имаше ставено паричка.
„Како претседателка на Советот на Општина Прилеп да пренесам порака до нашите граѓани да доминира љубовта и доброто затоа што тоа секогаш го победува злото, така што се надевам дека овој ден сите ќе го празнуваме во мир и на среќниот добитник ќе му честитаме и ќе му посакаме мир во семејството и секако просперитетна година на Општина Прилеп“, истакна Ирена Стерјоска Локвенец, претседателка на Совет на Општина Прилеп.
Инаку според традиција во Прилеп на овој ден семејството се собира за ручек каде што се врти бурек или мазник со паричка и се верува дека оној што ќе ја пронајде паричката ќе има успешна и бериќетна година.
„Од време нашето семејство на овој ден за ручек се собираме, тоа е Нова Година по Јулијанскиот каландар, Православна Нова Година. И сега ќе одиме и ние да припремаме кори, сега е помодерно се купуваат готови, се дели на повеќе парчиња колку што има во семејството луѓе, се остава за Господ и домот“, рече еден граѓанин.
„Ние сме двајца дома, сами си вртиме, децата не ни се дома“, рече друга граѓанка.
„Традицијата е многу убава, секогаш се дружиме на овој ден на овој празник, на тој што ќе му се падни паричката ќе има среќна година“, додаде друг граѓанин.
„Јас сум од Велешко и кај нас се врти за Бадник, затоа традицијата вика ќе го најдеш паричето на Бадник. Оваа традиција не ми е позната, јас сега прв пат идам тука“, истакна друг посетител на настанот.
Овој настан е еден уникатните брендови на Прилеп кој доколку добро се промовира има перспектива да прерасне во голем туристички бренд кој што ќе привлекува гости и од други градови на Македонија.