По 11-ти пат во Крушево во организација на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ се одржа уникатната манифестација „Дева“ со која што се најавува Христотово раѓање. Куриозитет е тоа што освен во Крушево оваа манифестација стара со векови се одржува на ваков начин единствено уште во Витлеем.
„Нашето училиште понесено од тој обичај и сакајќи да придонесе за развојот на туризмот во Крушево, за зголемување на наталитетот, но и за социјалниот соживот со партнерите, кафаните и другите чинители тука за развојот на туризмот, ја организира оваа манифестација со помош на наставниот кадар, но и на нашите ученици. Најпрво тука на плоштадот веќе долги години имаме една импровизирана куќарка во која се наоѓаат 2 јагненца, а на платната е комплетно објаснет чинот на манифестацијата, додека во касичката се собираат средствата за првото новороденче“, изјави Зорица Кузманоска, дел од наставниот кадар во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
Во манифестацијата „Дева“ учествуваат исклучиво млади момчиња, кои ја носат црвената Давидова ѕвезда шетаат низ Крушевските улици и ја пејат песната „Дево Дејане“, одат од куќа на куќа, а домаќините ги даруваат со пари.
„Оваа манифестација не е добра само за нас, туку и за туризмот во Крушево. Со повод на овој празник имаме многу туристи кои вечерва се тука со нас и мислам дека вреди да се дојди за да се види една интересна и малку поинаква традиција од останатите градови, како што кажавте ја има само во Крушево и Витлеем“, кажа Атанас Ташкоски, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
„Од мали навистина сакаме да се продолжат, бидејќи ова е уникатен празник, настан, бидејќи се одржува само тука во Крушево и во Израел, во Витлеем, никаде на друго место“, додаде Кети Божиноска, ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“.
Од Општината велат дека настанот „Дева“ претставува уште еден од низата препознатливи брендови за Крушево кој привлекува посетители од сите околни градови.
„Ние како Општина Крушево продолжуваме со промоција и со поддршка на вакви настани, каде ја поддржуваме не само заедницата, туку сѐ она што значи промоција на туризмот, се повеќе посетители и гости најавуваат и пројавуваат интерес во Крушево на вакви настани, на какви Крушево преку традицијата си ја претставува својата храна, производите и сѐ она што значи Крушево како историја и историски вредности“, истална Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Собраните средства од кутијата за донации, но и парите кои ќе ги соберат граѓаните кои шетаат со Давидовата ѕвезда ќе бидат наменети како подарок за првото новороденче во Крушево.