ВИДЕО- Во петок на летна сцена во М. Цепенков уживајте во звуците на оркестарот „Александар“ од Австрија – викендов започнува „Пеце Атанасовски“

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


По 51 пат викендов на Рудина во Долнени ќе се одржи Фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. За разлика од минатите години новина е тоа што и двата натпреварувачки дена и саботата и неделата ќе се одржат кај месноста Рудина во Општина Долнени. Нема да има настап на Камената бина во центарот на Прилеп. Наместо тоа во петок во 20 часот ќе има концерт на оркестарот „Александар“ од Австрија, кој се состои од повеќе членови од различни националности кои свират македонска народна музика. Овој оркестар е дел и од 16 по ред Семинар за народни песни и инструменти кои се одржува во Прилеп како дел од овој фестивал. Оркестарот се создава по иницијатива на Александар Арабаџиев, кој живее во Виена, а е по потекло од Радовиш.

Се почна преку приватни часови, почнаа луѓето да ги учат инструментите и почнаа да слушаат за нас, да не канат на фестивали. Така дојде до идеја да се формира оркестар кој моментално е поддржан од српското здружението „Бамби“ во Виена, таму имаме простории каде секоја недела имаме проби. Оркестарот е составен главно од Австријци кои имаат интерес и љубов кон инструментите, но има и Македонци, со бугарско потекло, српско, персиско итн. Концептот на оркестарот е да биде промодерен, каде ќе ги има сите националности, сите религии, сите родови, различности, без разлика на сите различности да имаат можност да го учат тоа што сакаат да го учат. Преку нашиот оркестар ние испраќаме порака дека музиката не е гените, туку секој кој има љубов може да биде музичар. Јас сам се чудам како моите ученици, членовите на оркестарот, кое ниво го имаат постигнато и како свират како прави Македонци, а можеби и подобро, така да тоа што го чувствуваш и тоа што се работи со пасија ги померива сите граници. Така да ние сме оркестар на љубов, битно е да има слога и кога патуваме на нашите турнеи сите што не гледаат велат дека покрај музика што звучи супер и што постојано напредува, има преубава хармонија, премногу љубов и разбирање меѓу нас самите.

Освен македонска музика дали свирите некоја друга?

Моментално сме фокусирани на македонска музика, но затоа што имаме многу различни учесници во оркестарот и што сме канети на многу различни фестивали сакаме полека да прераснеме во еден балкански бенд, пример го имаме тука Лазар кој свири на српска фрула, ќе почне и на српски гајди, овој свири македонска тамбура и кавал, Австриец свири усна хармоника, другиот Австриец исто свири многу инструменти, така да имаме многу можности и капацитет и во иднина да прераснеме во еден балкански бенд“, рече Александар Арабаџиев, иницијатор за основање на оркестарот „Александар“.

Организаторите на овој Семинар се радуваат што секоја година се повеќе и повеќе млади сакаат да учествуваат.

Навистина овој семинар е од големо значење поради тоа што секоја година се зголемува интересот на младите, особено од Прилеп и околината за изучување и за негување на традиционалните инструменти и народното пеење. Тука навистина морам да кажам дека сите оние кои досега ги изучувале народните инструменти и песни на овој семинар, тоа знаење го применуваат во нивните аматерски ансамбли, КУД-те, така да целта на овој семинар е постигната и дека во иднина ќе го правиме истото“, вели Стојанче Костов, дел од организацијата на Фестивалот.

Како дел од Фестивалот ќе се одржи и научен симпозиум каде ќе биде презентиран Зборник од трудови на 14 научници од оваа сфера.

Каде 14 еминентни научници од областа на етнилогијата, фолклористиката, културологијата, музикологијата, со свои трудови учествуваат на научниот симпозиум, чија крајна цел е издавање на Зборник на трудови насловен „Фолклорот во минатото и денес“. Тоа ќе биде во петок во 11:30 часот во фоајето во Марко Цепенков. Пред тоа имаме промоција на гајдата како дел од репрезентативната листа на УНЕСКО и како нематеријално културно богатство, со што нашиот фестивал се искачува на едно повисоко скалило, на повисок пиедестал, имајќи во предвид фактот дека нашиот фестивал е карактеристичен токму по гајдата“, истакна Горан Василески, претседател на Собранието на Фестивалот „Пеце Атанасовски“.

На двете фестивалски вечери ќе учествуваат над 300 учесници од цела Македонија.

 На годинашниот фестивал ќе настапат 300 учесници со нивна програма, од регионите од каде доаѓаат. Навистина е импозантна бројка, каде покрај тоа што имаме возрасни групи, имаме и многу млади инструменталисти, претежно гајдаџии. Тие сами се пријавуваа за учество и кога ги селектиравме навистина очекуваме дека ќе имаме преубава програма.

Тежок ли беше процесот на селекција?

 Да селектираме, најдоброто да го извадеме од нив и да го донесеме на сцена беше навистина потребно. Со некои требаше и да се работи, бидејќи знаеме дека ако регионот е со двогласна пејачка традиција, а тие пејат едногласно, се обидовме да им покажеме, да им помогнеме како да се вратат на своите корени, како што било порано, како што била негувана таа традиција“, изјави Родна Величкоска, уметнички директор на Фестивалот.

Сите љубители на фолклорот и македонскиот мелос овој викенд нека ја посетат Рудина кај селото Долнени и нега уживаат во писокот на гајдите, зурлите, кавалите, грмотот на тапаните, како и во звукот на нашите прекрасни народни песни.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми