Денешниот ден, кој што е трет ден од Велигденските пости, кои започнаа оваа недела, кај народот e познат уште и како Тримир. Oвој ден најмногу се одбележува во Прилеп и Струмица. Интересно е тоа што на Тримир се канат само жени, а не мажи, затоа кај народот е познат уште и како женски празник или женски ден. Односно мајката од младата невеста прво на гости си ја поканува свекрвата, а свекрвата пак си ги поканува нејзините блиски, золви, јатрви, за да ги донеси на гости кај мајката од невестата. Според црковната пак традиција оние кои држат Тримир не конзумираат ниту храна, ниту вода 3 дена и денеска откако ќе се причестат во црква за прв пат вкусуваат нешто.

„Домаќинката по правило треба да држи Тримир, а тоа значи од полноќ на Прочка таа 3 дена не јади ништо. Ниту вода пие. И тогаш на 3 ден на Тримир таа ја кани ќерката на гости, свркрвата, снаата, блиски, тоа е женски празник не да Боже да има маж некој тогаш тука, тешко него. Гостите носат поклони, овошје, благо, сега помладите носат и на невестите поклони, а тоа е новитет веќе“, истакна Јелица Вучетиќ, членка на здружение „Преродба“.
Трпезата секогаш е посна, со посни специјалитети, затоа што во тек се Велигденските пости и не се јади мрсно.
„Тримирот е прилепски празник, женски празник, бидејќи се собираме само жени. На Тримирот се подготвува сарма, гравче, пченица, компот имаме, зелник, благи работи, од се по нешто и секако боза. И Тримирот го празнуваме ние жените, невестите млади, свршениците, си ги кани мајката на невестата, да се смират сваќите се да биде по ред“, додаде Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“.
А како посебни специјалитети без кои не поминува овој празник во Прилеп се пченицата од конопни зрна и бозата.
„Порани пченицата се правеше многу потешко, бидејќи се киснеше прво, па се толчеше во дибек, тоа е голем издлабен камен и со железо се толчи. Во понеделникот цел ден ќе толчиш, па ќе се суши потоа пченицата, па ќе се лупи да падни лушшата, па на крај се мие. Значи имаше многу работа, а сега е многу лесно пченицата е лупена, исчистена, а конопното зрно се мели во соковник, ќе се изблендира, се цеди во топла вода, тоа што ќе излезе од конопното зрно е бело како млеко. И тоа и дава на пченицата и вкус и мирис, а исто и дава сила на тој што држел Тримир, тој не јадел 3 дена и е омалаксан. И затоа што кога ќе се причести во црква се пие прво вода, па пченица“, изјави Ленче Спиркоска, членка на здружение „Преродба“.
А како и секоја седенка со вкусна храна на крајот дружбата на здружението „Преродба“ заврши и со традиционални македонски песни.