Од 1 септември до денес во прилепските градинки се згрижени 1.482 деца. Листата на чекање во моментов изнесува околу 70-тина дечиња, но се очекува во периодот кој следува таа да расте. Со одлука на Советот на Општина Прилел зголемен е бројот на деца во групите во градинките за да се надмине оваа ситуација. Во новата градинка пак во Точила во моментов функционираат 8 од можни 11 групи затоа што повеќе од 2 години процесот за лиценцирање на лица кои може да работат во предучилишниот систем бил блокиран. Се очекува со полн капацитет таа работи до крајот на годината.

„Со оглед на тоа што со одлука на Советот на Општина Прилеп имаме зголемен број на деца во групите, во најголем дел решен е проблемот со престој и згрижување на деца од предучилишна возраст. Меѓутоа како општина треба и понатаму да се трудиме да ги зголемуваме капацитетите затоа што предучилишното воспитание и образование во вакви стручни институции е од огромно значење за развојот на нашите деца, нашата иднина.
Во градинката во Точила од 1 септември таму функционираат 8 групи од можни 11, затоа што како што цела јавност е запознаена, повеќе од 2 години процесот за лиценцирање на лица кои можат да работат во предучилишниот систем беше блокиран. Во текот на август месец 2025 година започна повторно да функционира тој систем за лиценцирање и сега по завршувањето на изборите претпоставуваме ќе можеме да ги реализираме согласностите кои ги имаме за нови вработувања, па така до крајот на годинава очекувам тој објект да работи со полн капацитет“, истакна Христина Трпческа, директорка на градинки „Наша иднина“ во Прилеп.