„Да се натпреваруваме без да се навредуваме“ беше насловен денешниот настан кој се одржа во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, во организација на ученичкиот парламент, каде учествуваа учениците од ова прилепско училиште и учениците од ООУ „Кирил и Методиј“ од селото Канатларци, кои се припадници на турската заедница.
„Во нашето училиште, па и на спортските натпревари, на часовите по физичко и здравствено образование насилството е повеќе застапено. Поради тоа ние го организиравме овој настан со цел да се подигне свеста кај учениците, родителите и наставниците за важноста за намалување на насилството за време на спортските натпревари и во училиштата. Оваа организација е поддржана од детската фондација Песталоци, младинска коалиција СЕГА, првата детска амбасада Меѓаши и од Смарт Ап. Учесници на овој настан се учениците од петто до деветто одделение од нашето училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп и учениците од турска националност од училиштето „Кирил и Методиј“ од село Канатларци“, изјави еден ученик дел од настанот.
„Овој настан е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, организиран од младинска коалиција СЕГА. Во денешниот ден во нашето училиште ќе имаме 2 меѓуученички натпревари во игри без граници и натпревар во одбојка. Целта ни е да ја подигнеме свеста за важноста за спортувањето, за сузбивање на врсничкото насилство и фер плеј игра. Во училишниот двор имаме поставено полигон за игрите без граници каде учениците ќе бидат поделени во групи од по 4 деца и ќе се натпреваруваат мешано, и од училиштето од Канатларци и од Кочо Рацин, додека повозрасните ќе играат натпревар во одбојка“, додаде друг ученик, дел од организацијата на настанот.
Целта е да се едуцираат младите како да навиваат без да има навреди и омаловажувања, затоа што и суштината на самиот спорт е тоа, почитување на другиот и фер плеј игра.
„Јас буквално им се заблагодарувам на училиштето од село Канатларци, секогаш се спремни меѓусебе да соработуваме во акцијата МИО, Меѓуетничка интеграција во образованието. Исто така морам да им се заблагодарам и на коалицијата СЕГА, која кај нас веќе трета година го спроведуваме проектот безбедно училиште и секогаш се спремни да ни помогнат во однос на тоа како децата да се справат со врсничкото насилство“, потенцираше Јулијана Тренкоска, директорка на ООИ „Кочо Рацин“ – Прилеп.
Ментори на настанот беа Габриела Темелкоска, наставничка по германски јазик, Елена Апостолоска, библиотекар, Елизабета Велеска, педагог, Тони Чатлески, наставник по ликовна уметност, Гоце Секулоски, наставник по информатика, како и Александар Ѓорѓиоски, наставник по физичко образование.