Депонијата во Прилеп кај Алинци гори веќе 3 дена ширејќи густ чад низ целото пелагониско поле, како и неподнослива смрдеа која се чувствува низ целиот регион во и околу градот. Според надлежните, кои со надчовечки напори цели 3 дена и во текот на денот и во текот на ноќта се обидуват да го изгаснат големиот пожар, најверојатно огнот настанал од човечки фактор, а кои се причините треба да утврди полицијата.
„Веќе трет ден се работи паралелно со гасење со вода и засипување со земја, затоа што тоа е единствениот начин да се изгаси пожар на депонија. Ова се случува четврт пат во 2 години, треба да се решава, долгорочно решение е Регионалата депонија во Новаци. Паралено треба да се работи на рекултивација на оваа депонија. Вклучени се сите општествено одговорни компании од Прилеп кои може да помогнат со техничка поддршка“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Се очекува во текот на денот конечно да биде изгасната депонија, вклучени се 10-тина камиони и друга тешка механизација која просторот го засипува со земја.
„Ги направивме сите можни обиди со сите средства кои што беа на располагање, пробавме дури и со една иновативна метода и средство за гасење на пожари на отворено кое го добивме бесплатно како донација. Беше употребено од нашата ТППЕ, но не даде очекувани резултати, не вроди со плод, иако има минимално подобри својста од гасење чисто со вода“, додаде Проданоски.
Решението за целата оваа ситуација е Регионалниот центар за ѕправување со отпад кој до 2027 треба да се изгради во Новаци, каде отпад треба да носат 18 општини од охридско-преспанскиот и пелагонискиот регион.