Општествено одговорната компанија WIK донираше апарат за „Видео, електро енцефалографија“ за одделението за детски болести при општата болница во Прилеп. Со добивањето на овој апарат се очекуваат пациенти да доаѓаат во Прилеп од цела Македонија, затоа што ваков апарат има само на Клиниката за педијатрија во Скопје и во некои приватни здравствени центри.

„Целата опрема која што ја набавуваме е во консултација со стручниот колегиум од одделенијата. Сите апарати кои што ги земаме се во консултација со лекарите. Ги проверуваме, ги анализираме што имаат најдобри методи за да не дојди како тоа што сигурно читавте во ревизорските извештаи дека апаратите се земени и не се користат. Во минатото се купуваа апарати, но не се консултираа лекарите и стручниот колегиум за тоа каков апарат да се земи. Значи сега прво правиме со лекарите анализи какви апарати ни се потребни и такви набавуваме“, потенцираше Кире Јоноски, директор на Општа болница Прилеп.
„Ова не е за нас, за тоа да им покажеме на другите колку сме добри, за нас ова е работа која мора да ја направиме. Исто така е повик за акција и други компании да се приклучат на нашиот пример. Мојата жена и јас имавме предвремено родени близнаци, тие беа родени 10 недели порано и ние моравме да поминеме со нив 8 недели во болница. Целото семејство се преселивме во главниот град на Швајцарија и уживавме во амбиентот на една премногу богата земја како што е Швајцарија, целата технологија која ја поседуваа беше употребена за да останат живи нашите деца, за да бидат тука сега на оваа планета. За нас е од круцијално значење да не дојди ден кога тие ќе не прашаат зошто ги направивте сите тие напори без да преземете нешто за местото каде живееме, а тоа е оваа планета. Затоа ние како семеен бизнис во WIK сме максимаслно посветени на тоа, да правиме се што е наша можност да обезбедиме подобра иднина за луѓето, затоа децата се многу важни за нас, здравствениот систем е многу важен за нас и сме посветени на тоа“, истакна Кристоф Доерн, сопственик на WIK.
Апаратот се употребува за одредување на терапија и за следење на деца со епилепсија и при нејасни епизоди на губиток на свест, одреден вид на главоболки.
„Станува збор за современ апарат, современ ЕЕГ систем кој овозможува попрецизна дијагноза затоа што добиваме синхронизирано снимање во реално време на мозочната електрична активност и на клиничките манифестации, односно на однесувањето на детето. Покрај можноста за видео снимање, овој апарат има можност и за кардиореспираторно следење, што е исто така многу важно за сеопфатна дијагноза. ЕЕГ снимањето кај педијатриската популација главно се прави во сон, индициран е за дијагноза за одредување на терапија и за следење на деца со епилепсија. Потоа за разликување на епилептични од неепилептични напади. Се користи и при нејасни епизоди на губиток на свест, одреден вид на главоболки, невроразвојни нарушувања и ЦНС инфекции“, изјави д-р Габриела Тавчиоска, супспецијалист по педијатриска неврологија.
„WIK како компанија секогаш донираат за најчувствителната категорија, а тоа се децата. Како што и денес бевме сведоци на една прекрасна донација во една од нашите градинки, каде што донираа инвентар во самата градинка. Им се заблагодаруваме за тоа што помислуваат на нас и секоја година одвојуваат средства и начин како да им се помогне на децата. Со тоа се подигнува и реномето на нашата општа болница каде што во регионот го завзема приматот на добра дијагностика на овие проблеми со електричната спроводливост на нервниот систем и за подобро дијагностицирање на епилептични напади“, вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.1
Во текот на оваа недела општата болница во Прилеп очекува уште една значајна донација во апарати и опрема од уште една прилепска општествено одговорна фирма.