По вонредниот инспекциски надзор на Општата болница во Прилеп Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе бара утврдување на дисциплинска одговорност кај здравствените работници од прилепската општа болница кои учествувале во лекувањето и исписот на близначињата од селото Славеј кои починаа на 16-ти овој месец.
„Ќе биде издадена и наредба за задолжително известување на надлежниот Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до Министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Од ДСЗИ утврдиле дека по барање на мајката на бебињата и со нејзин потпис тие се испишани од установата на 10.01. и покрај убедувањето на лекарите да не го прави тоа затоа што за целото време од нивното породување на 31 декември до 10 јануари тие биле вo инкубатор, давана им е антибиотска и друга терапија вклучително со фоторетапија заради појава на неонатална жолтица.
А во однос на исхраната, првично тие биле хранети со сонда за да последните денови од престојот во установата бидат префрлени на мајчино млеко. Но болницата не го известила Центарот за социјални работи од Прилеп за овој испис. Од Општата болница во Прилеп велат дека ќе формираат внатрешна стручна Комисија за испитување на случајот.
„По добиените препораки од страна на ДСЗИ како Општа болница ќе формираме внатрешна Комисија за испирување на целиот случај и со повеќе детали околу целиот настан ќе излеземе утре“, информираат од Општата болница во Прилеп.
Од Центарот за социјална работа од Прилеп информираат дека по смртта на близначињата досега биле направени три посети и увиди во домот на родителите во селото Славеј каде бил забележан виден напредок по однос на хигиената во домот, а останатите три малолетни деца биле уредни облечени, не биле запоставени и биле ухранети. Центарот ќе продолжел да го следи семејството во однос на јакнење на родителските капацитети и подобрување на нивната материјална состојба, како и слење на тоа дали ги спроведувата зададените задолженија.