ВИДЕО- Земјоделците од Прилеп: Со историски најголем буџет има историски најмали субвенции за земјоделството, да се стопира Програмата за 2026

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Во момент кога имаме историски најголем државен буџет од околу 6,8 милијарди евра, ние имаме најмалку издвоени пари за земјоделството или само околу 100 милиони евра. Ова е ставот на земјоделците од различни гранки кои од цела Македонија се собраа денеска во Прилеп и бараат начинот и висината на субвенционирање да остане ист како и минатата година, а за 2027 година да се формираат специјални групи на државата и земјоделците кои ќе ги дефинираат овие стимулаци. Земјоделците се револтирани и на тоа дека од овие 100 милиони евра предвиени средства за земјоделето, според земјоделците, скоро половината се за задоцнети и неисплатени субвенции од минатите години.

„Во ситуција кога ние земјоделците се соочувани со една нелојална конкуренција од надвор. Каде имаме увоз над 1 милијарда евра и ни доаѓа роба со дампинг цени, роба која што и тоа како е субвенционирана од нивните држави, и во една таква ситуација ние сме буквално неконкурентни и не можеме да се одржиме на пазарите. Сведоци сме дека и откупните цени што се во државата се двиѓат околу производната или пак под производната цена. Така што ние сме неликвидни. Сега сме исклучени и од државната помош, имаме пазарна конкуренција и вака не може повеќе, ние едноставно мора да го кренеме гласот и да кажеме на надлежните дека повеќе вака не може“, истакна Ѓорѓи Каракашев, претседател на Национална земјоделска мрежа.

 

„Бидејќи во новата програма по сите ставки се потребни корекции, значи за да не прават корекции по сите ставки бараме оваа програма ново донесена да се укини, да се субвенционираме за 2026 година според старата програма од 2025. А после во текот на годината ние ќе оформиме работни групи за секоја гранка и заедно со министерството ќе ги изработиме субвенциите за 2027 година. Значи предлог решение, попаметно од ова нема да има и со тоа нема да има незадоволни“, додаде Миле Кебакоски, земјоделец од прилепско.

Земјоделците кои се занимаваат со житни култури велат дека субвенциите со новата програма за2026 година, биле намалени за сите култури.

 „За новата програма само ќе прочитам 4 ставки. Пченицата беше 19.000 денари по ха сега е 18.000, јачменот и пченката беа 19.000 сега се 13.000 денари. Сончогледот беше 23.400 демари, па 16.500 по хектар, сега е 10.500, едноставно не се исплати да се произведува сончогледот. И башка на ова намалени суми имаме изострени критериуми. Значи тоа едно со други не оди. Ако имаш остар критериум да му потстрек да го исполни критериумот тоа да го сработи, значи ставката за остварен принос од 6.000 денари сега е ставена во целокупната сума. Значи ако не однесиш 3 тони по хектар во преработувачки капацитети ги губиш сите субвенции и по површина и по семенски материјал“, потенцираше Миле Кебакоски, земјоделец од прилепско.

Незадоволни се сторчарите кои велат дека субвенцијата по грло за добиток била намалена од 12.000 денари на 8.000 денари. Исто така субвенции по литар млеко за 2025 година сточарите имале земено само за 2, а некој за максимум 3 месеци. Другите 9 месеци од ланската година не се исплатени.

 „Сега за 2025 година еве никој не му смета, еве се е нивно, Влада, министри се. А ние немаме авансна исплата, ниту редовна исплата, а годината си помина. И тоа намалено од 12.000 денари на 8.000 денари по грло. Кажа тогаш дека го зголемил млекото за еден денар од 5 на 6 и тоа ќе бидело за нас бум. ОД друга страна уште првиот месец млекарниците, здружени како монопол, како маркетите и никој не ги казнува, веднаш ни го урнаа млекото денар до два, сега пак денар до два и имаме најави уште до три. Кој ќе чува стока по вакви услови. Затоа ќе пиеме млеко какво што пиеме никакво. Половина коперанти имата земено за 2, половина за 3 месеци, субвенции за литар млеко. Ова е срамно нешто што се случува, затоа се увезува странско млеко и им правиме услуга на некои големи да се носи тука храна што не е млеко“, истакна Борче Бучински, сточар од с. Могила, Битолско.

Земјоделците сепак се согласуваат дека се потреби одредени промени во програмата за субвенции, затоа што за последниве 10-тина години државата одделила 1,5 милијарди евра субвенции, а резултатот од тоа е нула. Ниту производството е зголемено, ниту имаме напредок во земјоделството.

„Точно е тоа се сложуваме со тоа. Субвенциите ненаменски се наменети, се субвенционираат некои големи компании кои се комерцијално ориентирани за разлика од поситните земјоделци кои се пазарно ориентирани. Сега ние како држава субвенционираме некои бизниси кои пласираат на странски пазари, а ние немаме бенефит од тоа. Главен приоритет да се даде на малите земјоделски стопанства. Само за споредба тоа искуство го има во Јапонија, еве и Европа ги забележа своите недостатоци и започнува да ја менува политиката во правец на поддршка на малите и средни земјоделски стопанства“, додаде Ѓорѓи Каракашев, претседател на Национална земјоделска мрежа.

Земјоделците бараат итно усвојување на овие нивни барања и заедничко договарање за сите идни чекори.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми