„МОЈАТА ВИЗИЈА“ е насловот на првата самостојна изложба уметницата Светлана Зуламоска Гроздановска која се организираше во Општина Кривогаштани. Зуламоска Гроздановска се претстави со 40 дела изработени во неколку различни техники како што се акрил на платно, акрил на камен, техника со молив, техника со камчиња и нејзината уникатна специјалност техника со коса.
„Мојата визија е преку сликите да го прикажам тоа што го чувствувам, кон тоа што се стремам и тишината која што ја чувствувам ја искажувам преку сликите. Изложбата се случува за прв пат во мојата Општина Кривогаштани и многу ми е драго што еден ваков настан се случи токму тука.
Оваа изложба е посебна по делата од природни материјали (камчиња и коса) и делото од коса кое го насликав на подот во големина од 3м. Посебна велам затоа што е уникатна на нашиве простори, оваа техника ја работам само јас и неколкумина во светот, за кои што дознав покасно. Настанот беше доста посетен, впечатоците се уште ги собирам, а идејата и мотивот за следната изложба веќе ми се на ум“, рече Светлана Зуламоска Гроздановска, уметник.