Интензивно се работи на израдбата на автопатот Прилеп-Битола, но дали ќе биде готов во предвидениот рок во 2027 година денеска не можеа конкретно да одговорат од страна на изведувачот конзорциумот Бехтел и Енка. Автопатот опфаќа 10 мостови, 16 надвозници и 6 подвозници. Од компанијата истакнаа дека им требаат уште околу 400 работници кои не би сакале да ги увезуваат туку да вработат луѓе од локалните заедници.

„Во моментов работиме на 10 км. од 41 предвиден километар. Се работи на фронтови кои се шират кон Прилеп и кон Битола. Нашето проектно семејство во оваа Секција 4 брои 600 луѓе при што повеќе од 55% од тимот доаѓа од локалните заедници. Во моментов имаме 350 вработени од локалните заедници и што повеќе вработиме луѓе од локаните заедници тоа подобро. Ве молам контактиракте не сите кои сакаат да работат со нас имаме многу отворени позиции, од инжинери, финансии, работници кои работат со бетон, возачи и итн..“, истакна Џошуа Бејкер, проектен менаџер од Бехтел и Енка.
Според градоначалниците на Прилеп, Битола и Могила, кои како дел од пелагонискиот регион овој автопат ќе донесе поголем економски развој на регионот и стопирање на миграцијата младите.
„Ќе им овозможиме побрз пристап на селата кон градовите. Исто така со реализирање на овој проект, нашите потенцијални инвеститори кои сакаат да инвестираат во пелагонискиот регион ќе имаат побрз и побезбеден пристап до нашите индустриски зони, односно нашите градови. Со реализирање на овој проект ние не добиваме само патна инфраструктура, туку навистина еден посигурен, побезбеден пат, автопат кој ќе гарантира за безбедноста и во сообраќајот и за нашите животи. Посетители, туристи, културен и економски развој, нешто кое навистина ќе нѐ изедначи во условите во европските инфраструктури“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Една област која можам да кажам години била запоставувана, сега има исклучителна можност за понатамошен развој во делот на стопанството, економијата, туризмот, протокот на луѓе и стоки. Тука на 15-тина километри од Битола е и Грција, наш европски сосед и ако на ова се надоврзе она што ЈПДП го планира, од петљата кај Могила со некои 17 километри нов спој со границата со Грција, тоа уште повеќе ја зголемува вредноста на овој автопат. Ако на ова се надоврзи и делницата од 24 километри од Градско до Фариш, нова перспектива за регионот, огромен развој, останување на младите луѓе и на стопанството, како и проширување, ја имаме индустриската зона Жабени во Битола, вие ТИРЗ-от“, додае Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
„За Могила, на само 5 километри од првата клучка имаме индустриска зона која веќе 80% е распродадена, почнува да се развива самата зона. Тоа е еден импакт за економскиот развој и ние како мала општина, рурална пред се, нашето население се занимава со земјоделие, тука е и самата трговија од производството на земјоделие, така да мислам општина Могила од овој автопат ќе имаме доста бенефит“, истакна Драганчо Саботкоски, градоначалник на Општина Могила.
Со изградбата на експресниот пат Градско-Фариш, како и овој автопат Прилеп-Битола, Пелагонија полека започнува инфраструктурно да се развива и да го губи лошиот епитет на „слепо црево“ кој го имаше со децении.