ВИДЕО- Кестел: Религиите може да одиграат многу важна улога во создавањето на светскиот мир преку дијалог помеѓу народите

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Се наоѓаме во Крушево каде разговараме со професорот Герард Кестел, од Меѓународниот институт за социјални студии во Холандија, на третата по ред Светска конференција за меѓурелигиски дијалог и соработка, на која една од главните теми е како да се надминат глобалните предизвици и како религијата и врските меѓу религиските заедници можат да придонесат кон тоа.

Што мислите вие, каква е моменталната состојба во светот со меѓурелигискиот дијалог помеѓу народите и дали религијата и како истата може да помогне во надминување на глобалните предизвици кои ги имаме, како војната на европскиот континент во Украина со Русија, а од друга страна пред неколку денови се отвори сосема нов фронт, а тоа е во Иран.

Кестел: Секако конференцијата е токму на време, бидејќи се соочуваме со итни проблеми на Средниот Исток, а веќе неколку години и во Украина. Зборуваме за војна, зборуваме за глобализација и доколку ја додадеме во таа дебата религијата, мора да се запрашаме која беше улогата на религијата во минатото во вакви воени конфликти, дали имала позитивна улога или пак не. Исто така ако има проблеми, како можеме во иднина да се осигураме дека религиите ќе најдат начин да работат заедно, да спречат такви конфликти да настанат.

Религиите се тука да го создадат светот, не да го уништат, тоа е заедничко за сите религии. Но што гледаме во реалноста, гледаме дека религиите се поларизирани, поларизирани меѓу себе против другите религии, користени се од тие на власт да ги оправдаат војните, или во други случаи да охрабрат војни. Таа улога секако е екстремно лоша, бидејќи може да зборуваме за оружја, може да зборуваме за многу други нешта, за НАТО конференцијата која што ќе започне во мојата земја, каде зборуваме за одбрана, но не зборуваме како заеднички да ги решиме нашите проблемите. Тука доаѓа глобализацијата, бидејќи е глобален проблем, затоа што не сме во минатото кога мали земји или други груби пробувале да ги решат сопствените проблеми, сега ова е глобален свет, сѐ е поврзано, сѐ зависи едно од друго и тогаш ни треба морална моќ да се осигураме дека ќе го создадеме светот, а не да го уништиме. Тука религиите можат да одиграат многу важна улога. Досега, ако ја погледнеме светската историја, војните секогаш воделе до нови војни, мирот секогаш бил моментот помеѓу две војни. Кога една војна ќе заврши и тоа се случи во минатите 5-6 декади во Европа, немаше војна, сега ја имаме војната во Украина. Пред тоа беше војната во Газа, сега се рашири низ Средниот Исток. Луѓето се подготвуваат и затоа НАТО е тука, да се вооружат против непријателот, а непријателот е тој другиот, но во религијата другиот не е непријателот.

Другиот е твој брат.

Кестел: Да, другиот е твој брат, мора да го сакаш твојот брат. Транзицискиот мир помеѓу 2 војни, но и секогаш, за да го оправдаш, ќе слушнете во говорите во Хаг во деновите што следат е дека другите се лоши, другите не се во право. Значи креирате конфликт, ги поларизирате односите помеѓу луѓето, помеѓу културите и помеѓу религиите. Она што ни треба, доколку зборуваме за глобален свет, каде сѐ е поврзано, е мир кој трае, мир кој продолжува да постои, кој ќе биде засекогаш.

Како религиските заедници можат да помогнат тој мир да трае вечно?

Кестел: Прво, како што е и темата на оваа конференција, тоа е дијалог и соработка, тоа е одговорот. Прво мора да има дијалог, кој нема да биде поларизиран и да вика дека јас сум во право, а вие не сте, или дека ние сме вистинската религија, а вие сте грешна, дека ние сме најдобрата религија, ако верувате како нас ќе одите во рајот, ако не нема. Тоа е првото нешто, мора да има дијалог, да ги побараме заедничките темели кои религиите ги имаат. Ако погледнете во минатото, како што се појавуваат религиите, тие имаат многу нешта заеднички, но сега имаме догматизам и гледаме дека има поларизација помеѓу религиите, дека другите се лоши. Ќе ви дадам еден пример, Нетањаху минатата година се обрати пред Конгресот на САД, на традиционален начин и рече дека не е повеќе конфликт помеѓу различни култури, туку дека е конфликт помеѓу една култура и варварство. Нетањаху е обвинет за воени злосторства и не ми е гајле што вели Нетањаху. Тоа што ме плаши е дека за време на таа сесија на Конгресот на САД, тој доби стоечки овации, што значи дека е длабоко всадено кај политичарите да веруваат дека нашата култура, европската, западната е супериорна во споредба со другите култури и тоа е нешто што другите култури секогаш го имаат против нас.

Тоа е еден вид на фашизам?

Кестел: Да, може да биде од двете страни. Јас не велам дека Исламот не може исто така да биде поларизиран, но ако почнеме да велиме дека овој или оној е виновен, никогаш нема да најдеме решение. Мора да кажеме во ред, да заборавиме на тоа, треба да седнеме и да кажеме дека сега сакаме мир. Тоа ќе биде моралниот елемент, кој што е многу побитен од оружјата и религиите кои што стануваат маргинализирани во секуларизацијата во Европа, сега воскреснуваат, луѓето почнуваат да сфаќаат дека има морални стандарди кои мора да се почитуваат и за кои и со кои треба да се живее. Инаку индивидуализмот и комерцијализацијата ќе не растргнат како индивидуи. Значи ова е шанса за религиите сега да кажат во ред, ние ќе ја преземеме водечката улога во борбата за светски мир, а не само за мир во еден дел од светот, но не и во другите делови. Тоа ќе го истакнам во мојот говор.

Што ќе биде главната порака што ќе ја испратите од оваа конференција во Крушево?

Кестел: Главната порака ќе биде да не се оставаат одлуките за мир или војна на политичарите, да се симне таа дебата долу кај организациите и луѓето кои не се политички настроени, како граѓанските организации, разни акциски групи, разни групи во општествето, но и одредени релгии кои можат да играат важна улога. Долготрајното решение не може да се случи од денес за утре, туку глобална коалиција, надвор од политиката, треба да рече сега е готово. Зошто зборуваме за Украина? Стотици илјади луѓе загинаа таму, Руси и Украинци, за што, на крајот за што? Мислам дека мојата порака ќе биде дека граѓанското општество треба да ја преземе водечката улога, бидејќи политичарите, како ОН кои постојат уште од 1919 со Лигата на нации, па потоа Обединетите нации по Втората светска војна, веќе 100 години имаме меѓународна организација за мир, но немаме мир, каде е?

Дали се потребни некакви специфични промени во ОН?

Кестел: Дефинитивно, бидејќи таму не е еднква играта, големите сили диктираат, а другите се согласуваат. И доколку сите останати се согласат околу еден проблем, големите сили можат да не се согласат. Нации како Израел кои никогаш не ги почитуваат одлуките на ОН, се уште добиваат поддршка од големите нации. Тоа е еден проблем. Вториот проблем е правото на вето, бидејќи секогаш кога некоја од страните со право на вето е против, ништо не се случува. Така што мислам дека политичката еднаквост очиглено е многу битна, но денес не постои. Тоа што денес е битно е колку пари луѓето даваат на меѓународните организации. Ако Организацијата за бегалци од Палестина не работи во согласност со идејата на Израел или САД, едноставно нема да добијат пари и тоа ќе ја уништи организацијата. Ова се проблеми каде моќта на западните сили се храни со чувството на супериорност, дека ние сме најдобри, најдобрата култура. Истата е идеја е уште од колонијално време, но мислам дека навистина треба да размислиме за нова иднина, за различен вид на општество. Секако тука не е само религијата, тука е и економијата, како се развиваат високите политики, не се повеќе границите кои се важни. Во Украина се уште во прашање се границите во кои Украина беше призната како држава каква што е денес, но видовме од преговорите со Трамп дека она што навистина е важно се суровините кои се под земја и тоа е она што им треба. Затоа Трамп започна преговори за рудниците и суровините кои се потребни за телефони, електрични автомобили итн. Така што гледаме пренасочување од националните граници кон алчност, пазар кој води до економска супериорност, или пак да се задржи економската супериорност, особено таа на Западот, тоа е уште еден елемент. Но дури и тогаш моралната дебата може да биде потегната од страна на религиите.

За крај на ова интервју, дали навистина религиозните заедници можат да донесат решение за војните во Украина, Палестина или Иран?

Кестел: Мислам дека тоа што го говоревме досега е генерално на долг рок, не мислам дека утре можеме да ги седнеме религиозните лидери и да донесат декларација за прекин на војните. Не верувам дека е реалистично, но мора да ја научиме лекцијата, затоа што ова секогаш се случувало во минатото и сега мора да кажеме дека мора да запре, затоа што војните пред 200 години се случувале на терен каде една армија се бори против друга армија, немале деструктивна моќ како сега. Сега имаме нуклеарни бомби, ако продолжиме на истиот пат како сега, може еден ден ќе имаме и нуклеарна војна и тоа ќе нѐ уништи сите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми