Ноември е месецот кога привршуваат работите во еден од најубавите и најземјоделски региони во Македонија. Преспа или „Земјата на јаболкото“. До каде што ти достигнува погледот, гледаш само јаболка. Годинава земјоделците се задоволни од цената на јаболкото која помина добро како за конзумното, така и за индустриското јаболко. Посетивме еден од пунктовите во Преспа каде се купуваа последните количини на индустриско јаболко.
Земјоделците велат дека и покрај убавините на Преспа остануваат еколошките проблеми за овој крај. Загадувањето со диви депонии, фрлањето на отпадоците каде ќе се стигне, вклучително и пакувањата на пестиците. Како решение на проблемите предлагаат поставување на големи контејнери во кои ќе се одлагаат само пакувања од пестициди, воведување барем еднаш годишно бесплатно подигање на кабаст отпад, дивите депонии да станат рекреативни зони, а како решение за органскиот отпад предлагаат реобнова на компостарата.
„Што мислите за отворањето на компостара?
Би било многу добро за нашиот крај, најдоброто нешто. Тоа ѓубриво што ќе се прави ние ќе си го откупувааме за некоја цена што ќе ја прави компостарата и ќе си го употребуваме во нашите насади“, рече Драган Котевски, жител на с. Јанковец.
„Мислам дека ако има компостара тука доста ќе влијае на екологијата и ќе се зачува околината, и би требало да има не една туку 2-3 во Преспа бидејќи такво е поднебјево и количината на плодовите кои се собираат“, додаде Коста Нанчоски, жител на Ресен.
„Ако сме сите совесни нема да има ниту една дива депонија, каде што ќе се најде таму се фрла, каде што му е полесно да го фрли ѓубрето таму го фрла.
А постои систем на казни, казнет бил некогаш некој за тоа?
Не никој досега нема казнето“, вели Љупчо Крстановски од с. Сопотско.
„Еве го гледате ова место тука сега го исчистија, вие не знаете што е овде и еве пак почнаа да го полнат, ова треба да се загради и ништо друго“, истакна Илче Радевски, жител на с. Езерани.
За подобрување на навиките на жителите за правилно одлагање на отпадот, преку кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, во организација на Еко Герила Преспа и Инстиутот за комуникациски студии, редовно се организираат дискусии и работилници во населените места во Преспа.
Вечерта бевме дел од една ваква работилница во селото Долно Перово. Жителите меѓу причините за дивите депонии ги посочија високите цени за депонирањето на кабаст отпад на депонијата во Златари, немање на доволно услови за собирање од страна на Јавното комунално претпријатие од Ресен, а исто така недостасувале селски канти низ Перово. Но сепак признаваат дека мала е еко свеста кај жителите.
Што се случува со оној штетен отпад кој што е од опаковките од пестицидите со кои се прскаат тука овошките?
Секој различно постапува, сигурно завршуват или некаде во природата или некој посовесни во кантите за отпадоци.
Нема специјално место за одлагање?
Не знам, не сум запозната“, рече Светлана Коњановска, жителка на с. Долно Перово.
„Можам да речам само катастрофа е тоа.
Зошто, што се случува?
Народот не се грижи самиот.
Каде се одлага отпадот?
Каде што ќе се најде.
Што најчесто се фрла?
Се, кабаст отпад, материјал, се“, рече Благојче Ѓуровски, жител на с. Долно Перово.
„Од јавното комунално претпријатие „Пролетер“ од Ресен ги чистат дивите депонии, но се работи за совесни и несовесни граѓани кои постојано фрлаат ѓубре. Треба да има едукација постојано, затоа што толкаво е нивото на културата на граѓаните“, додаде Светлана Коњановска, жителка на с. Долно Перово.
Едукативните дискусии на Еко герила Преспа со жителите продолжуваат и во другите населени места во Преспа.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.