ВИДЕО – Македониум – најмистичната и најуникатна споменична целина во Македонија

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Споменикот Македониум е изграден и пуштен во употреба во 1974-та, на 71 година по подигнувањето на Илинденското востание. Негови автори се Јордан Грабул како вајар, Искра Грабул, архитект и Борко Лазески сликар. Целиот комплекс е составен од 4 целини.

Започнува на Гумење со 5-те пранги од кои 3 го означуваат најтешкиот период од 3 векови под Османлиите кога Македонија го губи ентитетот. Вториот дел на споменичната целина е криптата или познатите топчиња. Од едната страна се запишани имињата на востанијата и на битките кои се воделе за слобода на Македонија. А од другата страна се напишани имињата на револуционерите.

Точно на ова место била локацијата на горскиот штаб на револуционери и тука е направена првата проба на црешовите топчиња за време на востанието.

Од тука се продолжува кон третиот дел на овој комплекс, а тоа е амфитеатарот или летната училница. Таа се користи за разни настани, предавања и како сцена за наменски прослави и одбележувања. Тука авторот Јордан Грабул го додава велелепното дело на Петар Мазев. Два керамопластични ѕидови кои го претставуваат фолклорот на Македонскиот народ.

Главниот дел од споменичниот комплекс е споменикот Македониум. Според формата многу посетители го препознаваат како вселенски брод. Влезната врата е во форма на буквата М, односно Македонија.

Во првиот дел, на првото ниво, има 4 прозорци и секој од тие 4 прозори се составени од релјефи кои симболизираат одреден историски период. Првиот прозорец го претставува најтешкиот период на Македонија под Османлиите кога народ сфаќа дека само преку борба може да ја добие слободата. Втората галерија е приказ на Илинденскиот период и Востанието. Третиот период ја претставува НОБ или Втората светска војна. А на крајот четвртата галерија е слободата и АСНОМ 1944 година.

Во споменикот се наоѓа и вечното почивалиште на Никола Карев, претседателот на Крушевската република. Во 1990 година со големи државни почести е отворен отвор во самиот под на споменикот и во него се положени останките кои до тогаш се чувани во Музејот на Илинденско востание во дрвен саркофаг.

Во центарот на споменикот се наоѓа Вечниот оган кој гори во срцата на секој Македонец. Пластична форма која визуелизира сонце.

„Македониумот“ е паметник, сведок и чувар на нашата историја, на борбата за слобода и создавање на сопствена македонска држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми