Големиот пожар кој вчера околу 13 часот ги зафатил помошните простории на семејството Керимоски од прилепското село Канатларци им направи штета од околу 100.000 евра. Комплетно им изгореа два нови трактори, три мотоцикли, еден автомобил, целата помошна земјоделска механизација, над 4 тони на тутун, како и просториите во кои живееле во летниот период. Во моментот на пожарот немало никој дома, семејството било во Прилеп, први на помош пристигнале соседите кои и го пријавиле пожарот.

„ Два нови трактори, еден Џон Дир, еден Тафе, 3 мотори од кои еден нов крос месец дена купен за децата, околу 800 до 900 балиња суров тутун, фрлач на ѓубре, прскалица, тутун за нижење, касетки, летна кујна и други работи. Штета не знаеме колку, сето е ново, најмалку 4 тона тутун што во моментални пари е околу 40.000 евра. Околу 100.000 евра сум во штета“, истакна Селман Керимоски, сопственик на опожарениот имот.
Керимоски живеат само од земјоделство и велат дека сега почнуваат од нула. Роднините и пријателите кои ако не пристигнале на време ќе се запалела и куќата на Керимоски, како и околните куќу, ги повикуваат хуманите граѓани и инсттиуциите да му помогнат на ова семејство, а од Здружението на тутунари на Македонија бараат да организира хуманитарна акција со донирање на балиња со тутун.
„Сакаме помош, сите да помогнеме, мештаните, државата, месната заедница, Општината, да помогнеме гревота е човекот, некаде 100.000 евра е оштетен, народот кој слуша гревота е човекот. Земјоделие работи, 90% е во штета, од што ќе живее, тутунот му изгоре, мора да му помогнеме на човекот, да собираме балиња од селото. И Здружението на тутунари да слуша и тоа да шири секаде каде што има тутунопроизводители да помогнат, гревота е“, рече Али Керимоски, жител на с. Канатларци.
„Ако не стигневме ние да спасиме можеше куќата да му изгори, исто и на неговиот братучед можеше куќата да му изгори. Да му се помогни од цела Македонија, ова е голема штета за Селман“, додаде Ердоган Керимоски, жител на с. Канатларци.
Од Здружението на тутунари на Македонија соопштија дека ќе го посетат семејството и ветија дека ќе организираат акција за помош.