
Над 150 коњаници од повеќе делови на Македонија пристигнаа попладнево во Крушево. Тие прво поминаа низ центарот на градот каде беа пречекани на традиционален начин со леб, сол и вино, а потоа се упатија по главната улица на Гумење, каде направија мал перформанс за да поздрават многубројната публика која беше присутна да ги поздрави.
„Чувството е возвишено, прекрасно, целта на коњаниците е да оддадеме почит на тие кои ги оставија животите тука за Македонија, тие што ги оставија тука, не само Илинденците, сите комити, сите партизани, сите бранители на Македонија ни оставија една порака и денес ние да си ја чуваме и сакаме Македонија ни да ги почитуваме за тоа што го направиле и да мислиме како секој од својата позиција можеме да придонесеме денес за Македонија“, истакнаа дел од коњаниците.
Оваа година имаше најголем број коњаници од сите години досега. Со најголем број учествуваа секако „Илинденски марп 78-ма“ од скопско Лисиче, кои веќе 47 години ја поминуваат оваа дестинација за најголемиот македонски празник. Еден од основачите Борис Змејкоски, се потсети како било порано да се јава на коњ од Скопје до Крушево.
„Пораката пред сѐ, уште од самиот почеток на овој марш, кога е удрен темелот, или корењата се пуштени, не е тоа некоја лична награда за било кој поединец од нас во тој период. Постарите генерации памтат околу појавувањето на една ваква конкретна акција, да се крене гласот на македонскиот народ. Некои луѓе низ селата каде патуваме и по населените места низ Македонија беа зачудени и нѐ прашуваа момчиња каде ќе одите со коњиве, од каде патувате и каде ќе одите? Им кажувавме дека патуваме од Скопје кон Крушево и целта ни е да стасаме во Крушево и да оддадеме почит на нашите прадедовци, нашите познати херои, комити, војводи, кои ги положија животите за ова што денес го имаме ние. Иако во тој период нормално имаше големи притисоци, се уште беше Југославија како држава и Македонија беше составен дел на федерацијата, ние бевме во тој период и малтретирани кога ќе се вратиме од Крушево, како националисти, дека сме работеле против Југославија. Самиот тој чин покажуваше дека ние сме биле во исправна насока како млади и денес затоа гордоста е преголема кај нас кога исто така патуваме низ Македонија, сега овој поход да го наречам кон Крушево е еден од најголемите со коњаница во бројка, над 52 коњаници тргнаа од Горно Лисиче на 27ми. Гордоста и милоста према Македонија е голема кога ги гледаме луѓето, дали во Катланово, Петровац итн., излегуваат од своите домови на улиците, ја поздравуваат коњаницата, посакуваат добар пат“, изјави Борис Змејкоски, еден од тројцата основачи на „Илинденски марш 78-ма“.
Пандил Стефковски е син на Гоце Стефковски кој заедно со Борис Змејкоски и Борче Стефковски се тројцата основачи на овој марш.
„Јас како коњаник, кога бев помлад идев за Крушево повеќе пати, меѓутоа сега оставам простор за помладите да идат, така да еве 25-26 години сум дел од овој марш.
Како што и господинот Змејкоски кажа, ова е најголемата коњаница организирана од 78ма, со околу 52 коњаници.
Оваа година имаме најголем број на коњаници, меѓутоа сега пред влезот во Крушево ќе ни се приклучат коњаници од Кичево, Битола, така да огромен број на коњаници ќе влезат во Крушево оваа година.
Каде ќе бидете пречекани вечер околу 18 и 30 или 19 часот од страна на граѓаните токму пред столбот на Републиката во центарот на градот?
Да, денес во 18 и 30 пречекот е пред црквата Свети Никола во центарот на градот, утре во договор со „10 дена Крушевска Република“ учествуваме во манифестацијата и потоа на Мечкин Камен.
Го прашав и господинот Змејкоски, еве и вас како еден од помладите учесници на овој марш, која е пораката која ја пренесувате?
Исто, пораката е да се обединеме сите заедно, да го прославиме како што доликува, достојно овој наш најголем национален празник Илинден“, рече Пандил Стефковски, син на Гоце Стефковски еден од тројцата основачи на овој марш.
Цело Крушево излезе на улиците да ги пречека коњаниците и да им оддаде почит за делото кое го прават.
„Ова е голем ден за нас, Илинден е симбол на Македонија. Дел од нашите најблиски се дел од овие коњаници, затоа и излеговме и дојдовме тука, да ги пречекаме и поздравиме“, рекоа дел од присутните.
Со ова чествување практично започнаја и празнувањата во Крушево „10 дена Крушевска република“, која ќе трае се до 10 август за до кога има подготвено богата програма за сите посетители кои ќе дојдат во славното Крушево. Свеченото отворање на оваа манифестација е на 1 август во 10.30 часот исто на гумење, со огномет, импровизиран напад на градот и културно уметничка програма.
„Од тука во Крушево, од пред Столбот на Републиката, сакаме да испратиме една порака на достоинствено чествување, и сите заедно државнички да го прославиме Илинден. Да нема поделби, да има заедничко чествување затоа што Крушево заслужува едно поинакво, позначајно и историско чествување за овој ден“, кажа Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
„Да ги поканам нашите граѓани, вашите гледачи да бидат овој период во Крушево бидејќи Крушево треба да биде центар на случувањата, Илинден е наш празник и е многу значаен во однос на формирањето на нашата држава и нашиот дух како народ“, додаде Захарија Ангелеска, директорка на НУЦК „10 Дена Крушевска Република“.
На 2 август на Мечкин Камен ќе се одржи главната свеченост за празникот каде пред присутните ќе се обрати претседателката на Македонија Гордана Силјановска Давкова.