Во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа настан за најмладите во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во рамки на настанот се изведе и едукативна театарска претстава „Застани, погледни па на пешачки премин премини“, наменета за ученици од основните училишта.
„Сметам дека ова навистина треба да го правиме се почесто и почесто, да ги едуцираме младите луѓе што побезбедно да се движат, да учествуваат во сообраќајот итн. Со зголемувањето на возраста постојано низ системот на образование и воспитување на нашите деца да се проследува оваа информација дека треба сите да внимаваме каде се движиме, да внимаваме на сообраќајните правила, односно прво да ги научиме и сите дословно да ги почитуваме затоа што тоа значи спасување на животи“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Следна активност на РСБСП ќе биде за едукација на матурантите во пресрет на матурските вечери, некористењето на моторни возила за време на истите, користењето на такси или јавен превоз и неконзумирањето на алкохол.
„Со оваа едукативна и превентивна кампања сакаме да ја подигнеме сообраќајната свест и култура кај најмладите учесници во сообраќајот, а тоа се децата. Со оваа претстава истите ќе бидат запознати со основните правила и прописи како самостојно да учествуваат во сообраќајот, со цел да не ни се случуваат несакани последици, а тоа се сообраќајни незгоди во кои би страдале тие, а тие се нешто највредно што го имаме како општество“, кажа Горан Ангеловски, претседател на РСБСП.
Инаку се очекува во 2027 година и Прилеп да стане безбеден град со воведување на „Сејф сити“ и поставување на камери низ градот.